X
 10.01.2022 Живот

Руски лекар објаснува колку е штетно влијанието на будилникот врз вашето здравје

Редовното поставување аларм за будење може да претставува опасност за здравјето, предупредува рускиот лекар Александар Калинкин, специјализиран за нарушувања на спиењето.

Будењето со помош на аларм за многумина изгледа како сосема природен почеток на денот, но таа навика може да доведе до развој на сериозни болести, рече Калинкин, додавајќи дека секојдневното приспособување на будилникот е лошо за здравјето.

- Јасно е дека во некои ситуации, како на пример планирано патување, алармот може да се користи во согласност со ситуацијата. Но, ако човек го прави тоа постојано, последицата е хроничен недостиг на сон, односно хронична несоница - изјави рускиот лекар.
 
Поради тоа, тој истакна дека недостигот на сон може да биде поттик за развој на разни болести.

- Ако должината на спиењето се намали буквално за еден час во однос на нормата, која за повеќето луѓе е од седум до девет часа, тоа повлекува промена во начинот на кој се чувствува човекот, нарушен квалитет на живот, поспаност, нарушена социјална активност, а и одложување на обврските. Има дури и промена во активноста на човечкиот геном, а притоа не на подобро. Односно, тоа предизвикува развој на кардиоваскуларни заболувања, ендокрини нарушувања и пад на имунитетот - објаснува докторот.

alarm
Фото: Pixabay

Секој човек има свој внатрешен будилник

Калинкин истакнува дека човекот има свој „внатрешен“ будилник и дека е потребно само да го постави на вистински начин.

- За човек да се разбуди рано и да стане навреме, потребно е да се нормализира распоредот за спиење, да си легнува порано и да се наспие. Со користење на својот внатрешен будилник, односно биолошки часовник, човекот ќе го намали негативното влијание врз својот организам на минимум - вели експертот.
 
Меѓутоа, ако човек мисли дека сè уште не може да се разбуди на тој начин, подобро е да не користи звучен уред, туку светлосен уред, смета тој.

- Направени се специјални светилки кои го симулираат изгрејсонцето, со што човекот полесно се буди. Ова веднаш го потиснува производството на мелатонин наутро и попладне и го нормализира деноноќниот ритам - додава Калинкин.

Тој советува и тивки звуци, како песната на птиците.

- Таквиот будилник нежно ќе го разбуди човекот од сон. Ова е особено важно во текот на есента и зимата, кога количината на сончева светлина се намалува, а и квалитетот на сонот се намалува - заклучува експертот.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот