X
 10.02.2022 Живот

Грипот од 1918 не завршил во 1918 година. Што може да нѐ научи третата година од оваа пандемија?

Во градот Њујорк во 1920 година, по речиси две години од почетокот на смртоносната пандемија на грип, која однесе најмалку 50 милиони животи, новата година почнала со посветол тон.

- Најдобар здравствен извештај за градот во последните 53 години - пишувало на насловната страница на „Њујорк тајмс“ на 4 јануари 1920 година, откако Њујорк преживеал три разорни брана на вирусот на грип. Целата нација, која на крајот ќе изгуби околу 675.000 луѓе од болеста, верувала дека крајот конечно е на повидок.

Но, за само неколку недели овие оптимистички наслови почнале да се менуваат. Градот Њујорк пред крајот на месецот се соочил со зголемување на бројот на заболените. Чикаго и другите урбани центри го пријавиле истото.

- Жителите треба да се подготват за враќањето на грипот - предупредил градскиот комесар за здравство, Ројал Копленд.

Тој предвидел дека варијантата на вирусот одговорна за зголемување на случаите ќе биде поблага и дека оние што се разболеле претходната година ќе бидат имуни. Но, погрешил, барем делумно: додека многу места низ светот не се соочија со четвртиот бран на големата пандемија на грип, неколку метрополи, вклучувајќи ги Њујорк, Чикаго и Детроит, имале уште една смртоносна сезона.

Како што пандемијата на коронавирусот влегува во својата трета година, пандемијата на грип од 1918 година може да понуди увид во тоа како ова поглавје од историјата би можело да дојде до крајот.

1
Фото: Wikimedia Commons

Но, „крај“, кога станува збор за вируси како овие е погрешен збор. На крајот, велат експертите, новиот коронавирус најверојатно ќе премине од смртоносен патоген во поблага, сезонска настинка. Во меѓувреме, сепак, искуството на земјата од пред еден век посочува дека би можеле да доживееме многу повеќе болка - особено ако го спуштиме гардот.

Грипот од 1918 година траел многу подолго. По две години откако започнал, кога официјални лица прогласиле победа и градовите ги олесниле мерките, четвртиот бран погодил делови од земјата, што довело до зголемување на случаите и некои болници биле на работ на колапс.

Вирусот не изгледал толку опасен кога започнал: првиот бран во пролетта 1918 година бил релативно слаб. Но, тој се вратил есента, откако најверојатно мутирал. Тој втор бран се раширил меѓу пациентите низ светот: уличните автомобили биле претворени во погребални коли, а свештениците ги собирале телата во кочии со коњи.

Само за време на вториот бран повеќе Американци умреле од грип отколку што биле убиени во Првата светска војна, Втората светска војна, Корејската војна и Виетнамската војна заедно.

Се чинело дека пандемијата на грип особено ги погодила младите, а за причините за тоа и ден-денес дебатираат научниците и историчарите. Кога пристигнал првиот регистриран случај, Првата светска војна беснеела, а условите во рововите придонеле вирусот брзо да се шири од војник на војник, а, пак, условите во полските болници честопати го забрзувале неговото ширење.

2
Фото: Wikimedia Commons

Некои експерти посочуваат дека луѓето во 20-тите и 30-тите години имале помал имунитет. Сепак, самиот вирус го намалил животниот век во САД за повеќе од 12 години. Дури 10 отсто од сите млади возрасни луѓе што ја преживеале пандемијата на грип можеби умреле од неа, вели историчарот Џон М. Бери. До зимата 1919-1920 година, Американците станале свесни за ограничувањата на секојдневниот живот. Речиси сите ограничувања за јавното здравје, како што е носење маска, физичка дистанца и затворање на училиштата и црквите, биле укинати. Брзото враќање на јавните собири довело до зголемување на бројот на случаи. Политичарите како причина за повторното појавување на вирусот или го наведувале невниманието на луѓето или го минимизирале.

Четвртиот бран не бил вест на главната страница на ист начин како и претходните бранови. Вестите за пандемијата се сведувале на мали параграфи во весникот, известувајќи за илјадници нови случаи на дневна или неделна основа. До февруари 1920 година имало епидемија во затвор во Њу Џерси, а некои судови биле принудени да ги откажат судењата поради болест.

3
Фото: Wikimedia Commons

Во зимата 1920 година еден лекар напишал писмо до уредникот на „Њујорк тајмс“ барајќи од луѓето да избегнуваат „непотребна изложеност на грип“ преку непотребни социјални контакти. Лекарот предупредил дека секој што посетил некој што бил болен во тоа време бил способен да ја пренесе болеста на кој било друг, што дополнително ќе ги оптоварува веќе преоптоварените болници, медицинските сестри и лекарите.

Во градот Њујорк повеќе луѓе починале во периодот од декември 1919 до април 1920 година отколку во првиот и третиот бран. Детроит и Минеаполис, исто така, се соочиле со значителен четврти бран, а високи смртни случаи од грип биле пријавени во многу окрузи во Мичиген.

Интервенциите на јавното здравство од страна на локалните власти можеби придонеле за четвртиот бран со ограничување на ширењето на вирусот во претходните бранови. Сепак, не би било препорачливо ниту да се дозволи вирусот да беснее, вели Ван Јанг, професор по епидемиологија на Универзитетот „Колумбија“.

- Повеќе инфекции може да доведат до повеќе мутации, што би можело да доведе до варијанта на новиот вирус што потоа би можел да го избегне претходниот имунитет, така што тоа е меѓусебно влијание во зависност од тоа како ќе се развие вирусот, што е навистина непредвидливо - вели Јанг.

4
Фото: Wikimedia Commons

Вирусите на грип и коронавирусите се генски различни, така што не е можно да се направи споредба со пандемијата од 1918 година. Јанг истакна дека новиот коронавирус се чини дека мутирал многу побрзо од вирусот на грип од 1918 година.

Управувањето со сегашната пандемија, исто така, има корист од многу научни достигнувања што не биле достапни пред еден век, вклучително болнички услови со подобри санитарни услови, подобар пристап до чиста вода и, можеби најважно, вакцини.

Сепак, можеме да ѕирнеме во иднината гледајќи во минатото. Вирусот на грип од 1918 година, откако смртоносната форма ја задржал повеќе од две години, на крајот станал поблаг.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот