X
 18.11.2025 Живот

Зошто крвната група со нулта Rh-фактор е најбарана и како научниците се обидуваат да ја клонираат во лабораторија?

Само една личност на шест милиони има крвна група со нулта Rh-фактор. Денес научниците се обидуваат да ја одгледаат оваа крв во лабораторија, со надеж дека така ќе се спасат повеќе животи, особено кај пациентите со ретки крвни групи.

Трансфузијата на крв го промени текот на модерната медицина. Во несреќа или при голема операција, крвта од дарител може да ни го спаси животот. Но некои луѓе не можат лесно да најдат крв што им одговара, особено оние со ретки крвни групи.

Една од најретките, крвната група со нулта Rh-фактор, е потврдена кај само 50 лица во светот. Доколку имаат несреќа и им е неопходна трансфузија, шансите да ја добијат соодветната крв се исклучително мали. Затоа, луѓето со нулти Rh-фактор се охрабруваат да ја замрзнат сопствената крв за долгoрoчно складирање.

И покрај нејзината реткост, оваа крв е исклучително ценета и во медицината и во науката. Често ја нарекуваат „златна крв“ бидејќи може да се користи на многу начини, а научниците ја гледаат како можност за создавање универзални резерви за трансфузија со надминување на имунолошкиот одговор што ја ограничува употребата на другите крвни групи.

Крвни групи и антигени


Крвта се класифицира според присуството или отсуството на специфични маркери на површината на еритроцитите таканаречени антигени. Тие се протеини или шеќери кои го активираат имунoлошкиот систем.

- Ако примите крв што содржи антигени различни од вашите, телото создава антитела и ги напаѓа, што може да биде опасно за живот - вели Еш Тоје, професор по микробиологија на Универзитетот во Бристол.

0 негативната крв често се нарекува „универзална“, но тоа не е секогаш точно. Познати се 47 системи на крвни групи и 366 антигени, па можно е да се појави реакција и кај 0 негативната крв.

Што значи да се биде Rh-негативен?


Во системот постојат повеќе од 50 Rh антигени. Кога велиме „Rh-негативен“, најчесто мислиме дека недостига Rh(D) антигенот. Но клетките и понатаму можат да имаат други Rh-протеини.

Луѓето со Rh-нулта крв ги немаат сите Rh-антигени. Тие не можат да примаат ниту една друга крв, но нивната крв е компатибилна со сите варијанти, што ја прави доста вредна.

Во итни случаи, кога крвната група на пациентот е непозната, Rh-нулта може да се даде со минимален ризик. Ова ја прави „златната крв“ толку значајна за светските банки на крв.

Трката за создавање „универзална вештачка крв“


Истражувачки тимови во светот се натпреваруваат да создадат крв без Rh-фактор. Во 2021 година имунологот Грегори Деном и неговиот тим во САД создадоа ретки крвни групи (вклучително и Rh-нулта). Во Канада тим од Универзитетот „Лавал“ ги избриша гените за A и Rh-антигените од матични клетки, создавајќи Rh нулта крв. Во Шпанија истражувачи ја претвориле крвната група A (без Rh) во универзална 0 крв.

Но, создавањето крв во лабораторија што би можела масовно да се користи е сè уште далеку. Најголемиот предизвик е созревањето на матичните клетки во целосно функционални еритроцити, процес што во телото го води комплексна интеракција во коскената срцевина.

Доброволните дарители и натаму незаменливи

Професорот Тоје е коавтор на RESTORE, првото клиничко испитување што тестира безбедност на лабораториски одгледани црвени крвни клетки кај луѓе. Крвта во ова испитување не е генетски модифицирана, но биле требни 10 години да стигнат до фаза на тестирање.

- Во моментов донирањето крв е далеку поефикасно и поевтино, па дарителите се неопходни - вели Тоје.

Но за луѓето со исклучително ретки крвни групи, можноста да се одгледува сопствена крв би можела да биде револуционерна.

Извор: Nova.rs 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот