X
 10.03.2020 Живот

Дали подземните железници навистина се извор на зараза?

Отсекогаш се сметало дека јавниот превоз е извор на зарази и бактерии. Многу луѓе во еден ден се возат во трамваите и во возовите, а уште повеќе ги допираат шипките за држење или го притискаат копчето за отворање врати. Сосема е логично во јавниот превоз да се развиваат секакви болести. Или можеби не?

Истражувачки тим од Школата за јавно здравство „Харвард Т.Х.Чан“ под водство на д-р Куртис Хатенхауер ја тестирал подземната железница во Бостон. Во трудот објавен во магазинот „мСистемс“ биле тестирани станиците, вагоните и апаратите за продажба на картите, а се мерела и бројноста на бактериските колонии на различни површини. Истражувачите откриле дека очекуваните видови бактерии отпорни на разни антибиотици не ги имало во толкав број колку што мислеле дека ќе ги има.

- Бевме изненадени колку нормално изгледаа примероците. Дури и кога одблизу погледнавме, не откривме ништо необично или опасно. Освен во сезоните на зараза, како грипот, микробната заедница во јавниот превоз не е ништо поинаква од таа на вашите раце, дури и во преполни возови - велат истражувачите.

За да го карактеризираат микробиолошкиот профил во бостонската подземна железница, научниците собрале речиси 100 примероци од вагони и од станицата во период од 3 дена во 2013 година. Примероците од возовите биле земени од рачките, шипките за држење, седиштата и потпирачите и ѕидовите на вагонот. На станиците биле земени примероци од машините за билети и тоа од екранот на допир и од апаратите. Користејќи лабораториски методи, како секвенцирање на дел од бактерискиот геном, научниците направиле целосен профил на микробиолошката заедница од овие површини.

подземна
Фото: Pixabay

Составот на бактериската заедница е еднаков со оној на нашите раце


Резултатите покажале дека површината има големо влијание врз бројот и видот на бактерии што се наоѓаат на неа. На висечките рачки биле пронајдени поголем број бактериски колонии, но не и на мазните вертикални шипки.

- Не очекував вакви резултати. Бев уверена дека на висечките рачки ќе има помалку ДНК бидејќи се помали и ми се чинеше дека помалку се користат - наведува авторката Тифани Хсу.

Изложеноста на надворешни влијанија исто така влијаела врз составот на заедницата, па така можеле да се најдат бактерии од видот „Alphaproteobacteria“, додека заедницата од внатрешноста на просторот имале поголем број бактерии од видот „Corynebacterium“, како и од видот „Tissierellaceae“.

Сите тестирани површини се карактеризираат со микробна заедница што одговара на нормалната заедница која се наоѓа на човечката кожа.

Потребни се уште многу истражувања за научниците целосно да разберат дали микроорганизмите се дормантни (спиечки) или активно се размножуваат во јавниот превоз. Исто така, важно е до крај да се сфати како се пренесуваат од една личност на друга. Понатамошните истражувања на истражувачите ќе им овозможат да добијат дополнителни информации што ќе помогнат во подобрување на здравствената состојба на граѓаните.

Извор: Geek.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот