X
 10.03.2021 Живот

1.300 луѓе се забавуваа во ноќен клуб во Амстердам во рамките на експеримент

Може да се сетите кога последен пат бевте во ноќен клуб или на концерт? Група среќници во Амстердам имаа шанса да заборават на пандемијата и да се забавуваат во ноќен клуб во рамките на еден експеримент за јавното здравје.

Во експериментот, околу 1.300 луѓе се забавувале во ноќниот клуб „Зиго доум“ во Амстердам. Тие биле поделени во пет групи, а секоја група требало да почитува различни правила. Некои морале да носат маски за лице, додека други биле охрабрени да викаат што повеќе. Сите носеле уреди со кои се анализирало колку контактирале со другите луѓе.

Сите присутни морале да имаат негативен резултат од тест за коронавирусот направен најмногу 48 часа пред настанот, а морале и да се тестираат пет дена по забавата.


Настанот бил еден од серијата експерименти спроведени од „Фидлаб ивентс“, иницијатива започната од владата и компании од индустријата за да се види дали е безбедно собирањето во големи групи.

Питер Лубертс, програмски менаџер на „Фидлаб ивентс“, изјавил за „Јуроњуз“ дека на тимот му се потребни повеќе недели за да ги анализира резултатите од експериментите и да види како ќе се применат заклучоците во олеснувањето на мерките за безбедност воведени од владата.

Интересот за организирање настани е голем, открил Лубертс. Капацитетот на „Зиго доум“ е 17.000 луѓе, а речиси 180.000 луѓе се пријавиле да учествуваат во експерименталните настани.

Извор: euronews.com
Фото: Принтскрин/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот