Во изминатите две децении движењето за позитивна психологија ги осветли психолошките истражувања со својата наука за среќата, човечкиот потенцијал и развој. Таа позитивна психологија се залага не само за истражување на менталните болести туку и за сето она што животот го прави вреден за живеење.
Основачот на позитивната психологија, Мартин Селигман, ја опишува среќата како искусување фреквентни позитивни емоции, како радост, возбуда и задоволства, комбинирано со подлабоки чувства на значење и цел. Се однесува на позитивен став на умот за сегашноста и оптимистичен поглед кон иднината. Експертите често коментирале дека среќата не е стабилна, односно дека е нешто флексибилно на кое постојано треба да работите и кон кое треба да се стремите. Сепак, тежнеењето кон среќен живот е една работа, а тежнеењето да се биде среќен постојано е нереалистично.
Неодамнешно истражување покажува дека психолошката флексибилност е клучот кон поголема среќа и благосостојба. На пример, да се биде отворен кон емоционални искуства и способноста да се толерираат периоди на непријатност значи можност за движење напред кон побогато и позначајно постоење. Студиите покажале дека начинот на кој реагираме на околностите во нашите животи има поголемо влијание врз нашата среќа отколку самите настани. Искусувањето стрес, тага и анксиозност на краток рок не значи дека нема да бидеме среќни долгорочно.
Филозофски гледано, постојат два начина за да се чувствуваме среќни – хедонистички и еудамонистички.
Хедонистите сметаат дека за да живеат среќен живот, треба да уживаат во максимални задоволства и да ја избегнуваат болката. Овој поглед е за задоволување на човечките апетити и желби, но најчесто има краток животен век. Спротивно, еудамонистичкиот пристап е долгорочен. Се смета дека треба да се живее автентично и за поголема цел, односно поголемо добро. Според овој пристап, би требало да ги следиме значењето и потенцијалот преку љубезност, правда, искреност и храброст. Така, се заклучува дека живеењето среќен живот не е избегнување на тешките времиња, туку да се има способност за да се одговори на начин кој ни овозможува да растеме и да се развиваме од искуствата.
Истражувањата покажуваат дека ако искусуваме различности, тоа е добро за нас, во зависност од тоа како одговараме на тие различности. Во студиите за луѓе што се соочуваат со траума многумина ги опишуваат своите искуства како катализатор за длабока промена и трансформација. По доживувањето на траумата, тие повеќе го ценат значењето на животот и живеат посреќно. На крајот, сè се сведува на индивидуален раст преку наоѓање на значењето на животот – прифаќање на човештвото со сите подеми и падови, уживање во позитивните емоции и справување со болните чувства, со цел постигнување на целосниот потенцијал.
Извор:
The Conversation
Фото: Freepik