X
 09.07.2025 Наука

Научниците успеале да снимат „бавни“ земјотреси во реално време

Земјотресите во „забавено движење“ не се случуваат за неколку минути, туку траат со денови или недели. Иако се премногу слаби за да предизвикаат директна опасност, научниците веруваат дека тие може да бидат клучни за предвидување разорни земјотреси и цунами.

Тим од Универзитетот во Тексас следел два вакви настани во живо, едниот во 2015 година, а вториот во 2020. Со помош на специјални подводни сензори, поставени длабоко во близина на јапонската субдукциона зона Нанкаи, тие документирале како се ослободува геолошки притисок меѓу тектоничките плочи.

- Тоа е како бран што се движи по површината меѓу плочите - вели хидрогеофизичарот Џош Еџингтон.

Иако овие земјотреси не се смртоносни, тие функционираат како „апсорбери на шок“ и можат или да ја намалат или да ја зголемат тензијата по должината на раседите. За разлика од Нанкаи, други подрачја, како Каскадија во Северна Америка, немаат ваков заштитен механизам.

zemjotres
Фото: Edgington et al., Science, 2025

- Тоа е регион каде што знаеме дека има потенцијал за земјотреси со јачина 9 и цунами. Прашањето е дали раседот тивко собира тензија или испушта предупредувачки знаци - предупредува геофизичарот Демијан Сафер.

Благодарение на напредната технологија, денес можеме да измериме и поместувања од неколку милиметри. Анализите покажале дека овие бавни земјотреси често се поврзани со зголемен притисок од подземни течности и дека горниот дел на раседот може да се активира независно од остатокот.

Иако предвидувањето на земјотреси не е прецизна наука, со секое ново истражување се доближуваме до целта. Податоците од ваквите настани може значително да ги подобрат моделите за предвидување и да спасат илјадници животи. Последниот силен земјотрес во Нанкаи се случил во 1946 година, со над 1.300 загинати.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука