X
 10.05.2018 Живот

Пет места од каде што најубаво се гледа аурора бореалис

Можеби планирате да одите, можеби сте имале среќа веќе да го доживеете тоа искуство, како и да е, најверојатно сте слушнале за поларната светлина - светлосното шоу кое се појавува на небото над Арктикот. Научно позната како аурора бореалис, поларната светлина е природен феномен предизвикан од судирот на наелектризираните сончеви честички со атмосферата и нивното заробување. За да го видите ова прекрасно светлосно шоу, треба да се наоѓате што е можно поблиску до Северниот или до Јужниот Пол. Експертите препорачуваат гледање од места со магнетна латитуда над 55 степени. Но, да ја оставиме науката настрана и да се осврнеме на оваа кратка листа со локации каде што можете да ја видите поларната светлина.


Фото: Curiosity

Абиско, Шведска

Поради уникатната микроклима, научно е докажано дека оваа област во шведската покраина Лапонија е идеалното место за да ја видите аурора бореалис. Езерото долго 70 километри помага во создавањето на феноменот наречен „сината дупка на Абиско“, дел од небото кој останува претежно чист без оглед на времето.


Фото: Curiosity

Лапонија, Финска

Тука најдобрата позиција за набљудување е во игло. Испланирајте патување во „Какслаутанен арктик ресорт“ во Лапонија, северниот регион од земјата каде што можете да го гледате танцот на зелената и виолетовата светлина на небото преку стаклениот покрив. Или одете уште посеверно во малиот град Нелим и уживајте во светлината над езерото Инари.


Фото: Curiosity

Тромсе, Норвешка

Тромсе е најголемиот северен град во Норвешка со една од најголемите веројатности за гледање на поларната светлина. Лоциран на 70 степени на север, меѓу фјордови, острови и планински врвови, Тромсе е идеална почетна точка за самоорганизирано патување за да ја видите светлината. На околу 12 милји од Тромсе, пак, се наоѓа градот Ерсфјордботн, кој исто така е популарно место за набљудување на светлината, а други погодни места се Лофотенските Острови и селата Алта, Нордкап и Киркенес, кои се уште посеверно.


Фото: Curiosity

Алјаска, САД

Алјаска е едно од најдобрите места за набљудување на аурора бореалис. Важно е да се оддалечите од светлината во градовите како Фербенкс и да заминете во близина на националниот парк Денали или во територијата Јукон. Универзитетот од Алјаска дури и има свој систем за прогнозирање кој ќе ви каже каде и кога светлината е највидлива.


Фото: Curiosity

Исланд

Во оваа земја аурора бореалис може да се види од септември до април. Исланд е можеби најпопуларното место меѓу туристите каде што може да се види светлината, а тоа не е за џабе. Сепак, треба да знаете дека земјата е позната по променливото време, па треба убаво да испланирате. Ако не сакате да одите во авантура подалеку од главниот град Рејкјавик, можно е да ја видите светлината од предградијата во периодот кога има висока активност.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот