X
 10.06.2018 Наука

Дебелите кучиња се неверојатно слични со дебелите луѓе

Сите ни велат да јадеме поздраво и да вежбаме повеќе за да се избориме со дебелината, но дали знаевте дека има епидемија на дебелина и меѓу животните (барем на Запад)?

Меѓу 39 и 59 отсто од милениците, поточно кучињата во Европа, Австралија и во САД, се со прекумерна тежина, односно дебели. Всушност, дебелината сега се смета за најголема закана за здравјето и добросостојбата на милениците.

Исто како и кај луѓето, дебелината кај кучињата вклучува разни фактори. Одредени раси на кучиња изгледа се посклони кон дебелина од други, а научниците пронајдоа генска мутација која  веројатно е причината зошто кучињата би барале повеќе храна. Така, изгледа дека е вмешана генетиката, заедно со количината на храна што ја јаде кучето и колку тоа има физичка активност.

Но, еден аспект од дебелината кај кучињата кој досега добил многу малку внимание е емоционалниот и когнитивниот. Односно, колку се мотивирани различни кучиња да пристапат до храна и како карактерот (на пример, одговарањето на награди) може да игра улога.

Во една студија истражувачи го разгледаа токму тоа. Тие утврдија дека кучињата со прекумерна тежина е поверојатно да изберат храна која содржи многу енергија и е поверојатно да се двоумат ако не знаат каква награда им се нуди.

Ова може да се интерпретира на различни начини, но, во најмала мера, тоа ја покажува важноста на однесувањето и „карактерот“ кога станува збор за дебелина кај кучињата.

Ова ја поддржува сугестијата дека кучињата може да бидат ветувачки модел за експериментално истражување на емоционалните и когнитивните аспекти на дебелината кај луѓето.

Научниците покажаа дека луѓето со прекумерна тежина и дебелите луѓе често се попривлечени од високоенергетска храна која содржи многу масти и шеќери од луѓето со здрава тежина. Научниците мислат дека тоа колку сте привлечени од оваа храна е поврзано со тоа колку сте чувствителни кога станува збор за награди. Ова се смета за карактерна особина која се разликува меѓу луѓето.

Со последната студија истражувачите сакале да видат дали навиката за јадење кај кучињата, а со тоа и нивната тежина, е поврзана со нивната чувствителност за награди на сличен начин.

За да го направат тоа, тие мереле колку долго кучињата ќе го слушаат човекот кој покажува кон чинија со нискоенергетска храна додека е достапна и втора чинија полна со високоенергетска храна. Истражувачите проучувале и колку кучињата биле енергични за да дојдат до чинија со храна чиј енергетски состав бил непознат, нудејќи двосмислена награда.

Користејќи ги овие задачи, авторите заклучиле дека кучињата се однесувале на сличен начин како и луѓето. Било поверојатно кучињата со прекумерна тежина да ја изберат наградата која има поголема енергетска вредност, споредено со кучињата со идеална тежина, дури и кога тоа значело игнорирање на насоките дадени од страна на некое лице. Исто така, кучињата со прекумерна тежина биле побавни во одговарањето на двосмислената награда.

Истражувачите заклучиле дека ова покажува оти кучињата со прекумерна тежина навистина се почувствителни на награди.

Но, може да има и друго објаснување на нивните резултати. Дебелите кучиња можеби имаат почувствителни системи за регулација на енергија. Ова може да значи дека тие веројатно ќе си ја зачуваат енергијата кога наградата е непозната.

Дебелината кај кучињата е сѐ почеста, а дебелите кучиња умираат порано и е поверојатно да се разболат, за разлика од кучињата со нормална тежина.

Кое и да е објаснувањето за резултатите од истражувањата, фактот дека кучињата со прекумерна и со идеална тежина се однесуваат различно сугерира дека ваквите експерименти може да бидат корисни за научниците кои сакаат подобро да ги разберат психолошките аспекти на дебелината.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука