X
 10.06.2018 Економија

Професии со бенефициран стаж во Македонија

Кога ќе се спомене бенефициран стаж, веднаш сите помислуваме на полицајците и на рударите. Но, дали само тие имаат бенефициран стаж во Македонија? Секако дека не. Листата е подолга.

А како е утврдена? Со помош на Правилникот за утврдување на работните места на кои стажот за осигурување се смета со зголемено траење. Овој правилник служи за одредување на работните места на кои што работата е особено тешка и влијае штетно врз здравствената состојба и работната способност на работникот, и покрај тоа што се применети сите општи и посебни заштитни мерки утврдени со прописите, како и другите мерки што можат да влијаат врз отстранувањето и намалувањето на штетните влијанија.

Со помош на овој правилник се утврдуваат работните места на кои што, поради природата и тежината на работата, физиолошките функции на организмот опаѓаат во толкава мера што на работникот му го оневозможуваат натамошното успешно вршење на истата.

Со правилникот се одредува и степенот на зголемувањето на стажот на осигурување на работните места. Тој степен на зголемување може да се смета како 14, 15, 16, 17 или 18 месеци стаж на осигурување за секои 12 месеци ефективна работа. Тоа зависи од тежината, штетноста, односно природата на работата.

На пример, гробарите за секои 12 месеци ефективна работа добиваат 17 месеци стаж на осигурување.

Доколку работите како нуркач, за секои 12 месеци ефективна работа, ќе добиете 18 месеци стаж на осигурување. Исто толку стаж ќе добиете и ако сте играч или пејач.

Овчарите исто така имаат бенефициран стаж, па за секои 12 месеци ефективна работа тие добиваат 14 месеци стаж на осигурување.

На листата се наоѓаат и стјуардесите, кои за една година ефективна работа добиваат 16 месеци стаж на осигурување. Кога станува збор за сообраќај, не се исклучени ни возачите на автобуси на градски, приградски и меѓуградски јавен сообраќај, кои за 12 месеци ефективна работа, добиваат 14 месеци стаж на осигурување. Исто толку добиваат и возачите на товарни моторни возила со носивост од седум и повеќе тони.

На листата се наведени и голем број на професии во текстилната индустрија кои исто така добиваат бенефициран стаж, од бојадисувачи на текстил, до работник на клопчарка. Тука се и професии поврзани со акумулатори, царина, градежништво, здравство, водовод и канализација и многу други.

За да го видите целиот Правилник (усвоен во 2011 година) сосе листата, кликнете тука.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија