X
 28.12.2016 Живот

Музички ѕвезди со кои се збогувавме во 2016 година

Смртта не поштедува никого, дури и најистакнатите уметници мора да си заминат еден ден. Но смртта на славните икони од поп-музиката и начинот на кој тие умреа нé оставија никого рамнодушен.

Дали 2016 година беше посебно тешка за музичката индустрија? Голем број на смртни случаи на добро познати музичари ги шокираа фановите низ целиот свет. Но, дали има вистина во „проклетството на 2016 година“? Смртта не поштедува никого, дури и најистакнатите уметници мора да си заминат еден ден. Но смртта на славните икони од поп-музиката и начинот на кој тие умреа нé оставија никого рамнодушен.

музички ѕвезди

Во раните 80-те години починаа најголем дел од великаните на џез, блуз и класична музика, а тогаш за првпат почна јавно да се гледа на смртта како на природен феномен и неизбежна судбина. Но, и тогаш, смртта на поп-иконите не беше секогаш предизвикана од природна смрт. Така, во 1980 година бил убиен Џон Ленон. Бон Скот, фронтменот на австралискиот бенд „AC/DC“, починал од труење со алкохол, пејачот Иан Кертис на „Joy Division“ извршил самоубиство на 25 годишна возраст- анализира „Дојче Веле“ 

Низата продолжила во текот на деценијата: реге-ѕвездата Боб Марли починал од рак, Марвин Геј бил убиен од неговиот татко во 1984 година, басистот на „Metallica“ Клиф Бартон починал во сообраќајна несреќа во автобус. Во 1991 година, пејачот на „Queen“, Фреди Меркјури починал од СИДА, додека Курт Кобејн извршил самоубиство во 1994 година, а „австриското национално богатство“-Фалко починал во сообраќајна несреќа - а во неговото тело било пронајдено големо количество на кокаин.

Диана Теадора Кени, професор по музика и психологија на Универзитетот во Сиднеј ја истражувала смртта на над 12.600 познати музичари во периодот од 1950 до 2014 година. Кени посебен акцент посветила на возраста, полот, причината за смртта за секој поединечен случај и по анализата на нејзините податоци открила дека животниот век на американските рок-ѕвезди бил за 25 години пократок од животниот век на просечниот Американец.

Оваа драматична разлика може да се должи на притисокот и психолошките проблеми кои доаѓаат со ваквиот животен стил кој бара многу посветеност, што често води до некаква злоупотреба во некој момент од нивната кариера. Високата експлозивна комбинација на гламур, луксуз, бунт, притисок и креативност може лесно да е премногу дури и за најсилните во бизнисот.

Зошто „Клуб 27“ наместо „Клуб 56“

По оценувањето на нејзините наоди, Кени чувствувала дека мора да се справи со уште еден мит кога станува збор за смртта на славните, познатиот мит „Клуб 27.  Тој претставува група на музичари кои умреле на возраст од 27 години. Многу луѓе веруваат дека „проклетство“ стои позади овие прерани смртни случаеви, нереална теорија што Диана Кени успеала да ја разоткрие.

Кени вели дека открила дека бројните смртни случаеви групирани на возраст до 27 години се сосема случајност. Порелевантен клуб според Кени би бил „Клубот 56“ бидејќи таа е возраста кога умираат најголем дел од рок-музичарите. Таа открила дека вкупно 239 музичари умреле на возраст од 56 години, додека само 144 на возраст од 27 години.  

Сепак митот за „Клуб 27“ е прилично интересен на многу нивоа: секој „член“ бил култна фигура, а она што тие го имале заедничко е дека биле обожавани од младите луѓе и од нивната генерација. Во „Клубот 27“ се вбројуваат имиња како: легендарниот гитарист Џими Хендрикс, рок идолот Џим Морисон, блуз пејачката Џениз Џоплин, фронтменот на „Grunge“, потоа Курт Кобејн и соул талентираната пејачка Ејми Вајнхаус.

Колективна интернационална тага на интернет

Додека музичарите оставија белег за генерациите, смртта во 2016 година „фрли во тага“ неколку генерации на љубителите на музиката. За кратко време на почетокот на годината починаа Дејвид Боуви и Принц. Не само што оставија длабоки и трајни впечатоци на оние кои пораснаа со нив, туку привлекоа и други генерации кон себе.

Социјалните медиуми, односно поконкретно „Facebook“ со своите 1.7 милијарди корисници исто така дојде до заклучок дека 2016 година се чини како „смртна година“. Како што веста за смртта на славните се ширеше како шумски пожар, така се ширеа и коментарите на социјалните медиуми. 

Леми Килмистер

Минатата 2015 година заврши со смртта на Леми Килмистер (70 години)


Легендарниот фронтмен на музичката група „Motorhead“ Леми Килмистер имаше длабоко влијание во поп и рок-музиката. Леми беше обожаван од сите љубители на рокот бидејќи тој комбинираше различни стилови: метал, панк и рокенрол. Тој почина од рак на простата на 28 декември 2015 година.

Дејвид Боуви

10-ти јануари 2016: Дејвид Боуви (69 години)


Еден ден по погребот на Леми Килмистер вестите за смртта на Дејвид Боуви го шокираа музичкиот свет. Кратко пред да почине Боуви го објави својот последен албум  „Blackstar“. Публиката не знаеше за неговата здравствена состојба, односно дека боледувал од рак на црниот дроб. Дејвид Боуви одамна се воспостави како поп-икона со хитовите „Ziggy Stardust" и „Heroes“.

Глен Фреј

18-ти јануари 2016: Глен Фреј (67 години)

Глен Греј беше еден од основачите-членови на „The Eagles“, еден од најзначајните рок бендови во 70-те години. Легендарниот бенд го обликуваше звукот на „California rock“ со комбинирање на блуз со рок- музика. Фреј ги напиша повеќето песни со членот Дон Хенли. Најпознат нивен хит беше „Hotel California“. Фреј почина од серија на сериозни инфекции.

Black

26-ти јануари 2016: Колин Вернкомбе- „Black“  (53 години)

Во 80-те години скромниот пејач од Ирска се искачуваше на топ листите: Колин Вернкомбе или познат како „Black“ стигна на германската топ листа составена од 20 изведувачи со „Everything is Coming Up Roses“. „Black“ се проби со „Wonderful Life“, меланхолична, но саркастична поп-балада опишувајќи како може животот да биде убав кога некој е сам. Тој почина во сообраќајна несреќа.

Морис Вајт

3-ти февруари 2016: Морис Вајт (74 години)
 
Веднаш по Филип Бејли, Морис Вајт бил главен глас за хитот „Earth Wind & Fire“. Тој го предводел успехот на групата. Вајт ги напишал хитовите: „Fantasy“, „September“ и „Boogie Wonderland“. Како солист тој се прослави со хитот „Stand by me“.  Продолжил да пишува песни за бендот иако се разделил од нив се додека не ја изгуби битката со Паркинсоновата болест.  

Кит Емерсон

10-ти март 2016: Кит Емерсон (71 година)


Кит Емерсон беше креативниот водач на рок групата „Emerson, Lake & Palmer (ELP)“. Тој обожаваше да работи со синтисајзери и на сцената и во студио. Освен со „ELP“, тој работел и со други рок и поп групи. Како резултат на неговата невролошка состојба, Емерсон имал проблеми со десната рака, па повеќе не бил во можност да држи концерти и покрај операцијата. На крајот тој извршил самоубиство.

Роџер Цицеро

24-ти март 2016: Роџер Цицеро (45 години)


Германскиот џез пејач Роџер Цицеро почина од неочекуваниот мозочен удар во месец март. Тој учествуваше на глобалниот музички спектакл „Евровизија“ во 2007 година, а работеше и со германски уметници и на различни музички проекти низ годините. Публиката го познаваше и како заложник за социјални случаи.


Принц

21-ви април 2016: Принц (57 години)


Принц умееше да свири на различни инструменти, компонираше музика и ги аранжираше своите песни. Неговите најпознати хитови се: „Purple Rain“ и „Kiss“. Многу други поп-ѕвезди ги изведуваа неговите песни, меѓу кои Чака Кан, Шинед О’Конор и „The Bangles“. Смртта на Принц наводно била предизвикана од случајното предозирање од лекови против болки. Светот изгуби еден од најпрепознатливите музички икони.

Били Пол

24-ти април 2016: Били Пол (81 година)


Били Пол работел со Чарли Паркер и Нина Симон за да стане еден од најголемите претставници на „Филисаунд“- стил на градот Филаделфија кој комбинира: виолина, хор, диско ритам и умерени соул гласови на сцената низ целиот свет за време на 70-те години. Еден од легендарните хитови на Били беше „Me And Mrs Jones“. Пол умрел од рак на панкреасот.

Волфан Роде

25-ти Април 2016: Волфганг Роде (66 година)

Музичкиот панк-бенд од Дизелдорф, Германија „Die Toten Hosen“ и неговите обожаватели тагуваа за смртта на поранешниот член кој беше познат и како Воли, кој свирел на тапани со панк рокерите. Воли, (лево на фотографијата) работел со оваа музичка група 15 години. Во доцните 90-ти години почнало да се влошува неговата здравствена состојба, па така не можел да свири повеќе на концерти и го напуштил бендот. Тој умре од рак на бубрезите. 

Питер Беренс

11-мај 2016: Питер Беренс (68 години)

Покрај смртта на гитаристот Герт Кравинкел, музичкиот бенд „Neue Deutsche Welle“ оваа година изгуби уште еден член, Питер Беренс, кој свирел на тапани и бил познат по неговиот строг изглед на лицето кој не се променил ниту еднаш. Беренс почина од срцев удар.

Леонард Коен

7-ми ноември 2016: Леонард Коен (82 години)

Темниот, тивок глас на канадскиот пејач и поет Леонард Коен секогаш ќе биде поврзуван со неговите хитови како „So long Marianne“, „Suzanne“ и „Famous Blue Raincoat“. Неговата позната песна беше баладата „Hallelujah“ која тој ја интерпретирал безброј пати. „Тоа е добра песна. Но е песна испеана од многу луѓе“-изјавил Коен. Тој почина есенва.

Грег Лејк

7-ми декември: Грег Лејк (69 години)


Грег Лејк беше прво дел од „King Crimson“ пред да се приклучи на „Emerson Lake & Palmer (ELP)“. Тој создаде врвна кариера како: басист, гитарист, пејач и композитор. Заедно со „ELР“ Лејк беше дел од создавањето на прогресивниот рок во 70-те години. Негова позната песна беше „Lucky Man“. Почина од рак.

 

11-ти декември 2016: Есма Реџепова (73 години)


esma

 

Есма Реџепова беше позната како „кралица на ромската музика“ и тоа во светски рамки како и национален уметник. Во 2013 година ја доби и престижната титула национален уметник на Република Македонија. Два пати беше номинирана за Нобелова награда за мир. 


Џорџ Мајкл

25-ти декември 2016: Џорџ Мајкл (53 години)

Прераната смрт на Џорџ Мајкл го засени Божиќ оваа година, а неговите фанови не можеа да веруваат дека уште еден легендарен уметник замина засекогаш. Мајкл продаде над 100 милиони албуми како солист и претстави незаборавни хитови во поп-културата. Во текот на својот живот беше обележан со контраверзни настани, но сепак тој за многумина ќе остане како херој.  

 

Музиката продолжува да живее

Всушност фактот што останува во музиката е дека со смртта не умираат луѓето што ја компонирале. Доказ е фактот дека оркестрите од целиот свет до ден денес изведуваат опери од Моцарт и симфонии од Бетовен.

Музиката на Принц, Дејвид Боуви, Мајкл Џексон, Курт Кобејн и другите уметници од оваа листа ќе преживее на истиот начин. Песните како: „Space Oddity“ од Дејвид Боуви, „Bohemian Rhapsody“ од Фреди Меркјури или „Hallelujah“ од Леонард Кохен, веќе се најголеми хитови на векот, песни кои станаа дел од музичката историја. И оние кои ќе ги пишуваат песните во иднина можеби сé уште не се родени.

Не, 2016 година не е проклетство за музиката, но сепак беше тажна година за музичките фанови, кои го имаат секое право да тагуваат за загубата на своите идоли, во време кога сме пред самиот праг на новата година.

Save
Подготвил: Светлана Петковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот