X
 10.09.2018 Живот

Докторка го искористила нападот на 11 септември за да исчезне

Докторката Снеха Ен Филип официјално е херој. Таа била трета година на специјализантско стажирање во болницата „Св. Винсент“ на Стејтн Ајленд, Њујорк, кога исчезнала.

Нејзините денови биле исполнети со неуморна работа, а вечерите честопати ги поминувала пиејќи со своите пријатели во пабови близу нејзиниот дом, кој се наоѓал до Светскиот трговски центар.

10 септември 2001 година бил различен ден: таа се појавила на суд утрината, се одмарала во попладневните часови, отишла на шопинг вечерта и повеќе никогаш не била видена жива.

Нејзиниот сопруг, Роналд Либерман, не бил многу загрижен кога пристигнал дома во 23 часот и открил дека не е дома. Снеха имала навика да оди на спиење кај својот брат или кај братучед кога работела доцна, па за нејзиниот сопруг вечерта на 10 септември не било ништо необично. Иако не се слушнал со неа, со оглед на тоа што парот постојано се расправал затоа што Снеха никогаш не кажувала кога ќе си дојде дома, тој не бил изненаден.

Утрото на 11 септември Либерман сè уште немал ништо слушнато од неговата сопруга. Нервозен бидејќи не му се јавила, тој заминал на состанок во Бронкс. По состанокот се случил терористичкиот напад над Светскиот трговски центар, поради што тој се посомневал на најлошото. Оставил многу пораки на нивниот домашен телефон (Снеха немала мобилен), а потоа ги контактирал членовите од семејството и пријателите, меѓутоа, никој не се слушнал, ниту се видел со Снеха.

Тој ја поминал вечерта во домот на негов пријател бидејќи не можел да влезе во станот. Наредното утро се вратил дома, но немало знак дека таа дошла. Затоа, ја пријавил за исчезната.

Снеха за брзо време била наведена како една од 9.000 претпоставени жртви на 9/11.

По еден ден од нападите нејзиниот брат Џон за американските медиуми даде изјава во која ги потврди херојските дела на Снеха за време на нападот.

- Бев на телефон со неа и таа ми кажа дека не може да си замине бидејќи многу луѓе беа повредени. Таа рече: „Морам да ѝ помогнам на оваа личност“ и тоа беше последното што го слушнав од неа.

Ова би била совршена приказна доколку њујоршката полиција не почнела да копа и да пронаоѓа детали од животот на Снеха, како дел од обидите да ја избрише од листата на претпоставени жртви. Откако полицајците почнале да гледаат на околностите што се случиле неколку недели пред нејзината „смрт“, многу работи не се совпаѓале. Снеха била во несреќен брак, според судските документи, имала вонбрачни хомосексуални афери, често патувала на опасни места и имала кривични пријави. Неодамна била отпуштена од едно работно место поради проблеми со алкохол и дрога, факт што нејзиното семејство жестоко го негирал. Исто така, лажно го обвинила нејзиниот работодавец за сексуален напад. Кога тврдењата се покажале како лажни, таа одбила да се откаже и била обвинета за лажно пријавување на инцидент. Затоа била на суд утрото на 10 септември. Во времето на нејзиното исчезнување била суспендирана од друго работно место.

Детективите дознале дека Снеха водела двоен живот.

sneha

Откако бил испрашан од полицијата, нејзиниот брат за брзо време признал дека ја измислил приказната дека се слушнал со неа по телефон. Полицијата се сомневала дека нејзиниот брат знае многу повеќе, но не сака да зборува.

Последните познати снимки од Снеха прават дополнителни компликации. Таа била фатена на безбедносна камера во стоковната куќа „Сентри 21“ близу Светскиот трговски центар во 11:11 часот на 10 септември. На снимките е сама и носи две големи кеси - во нив имало три пара чевли, постелнина, фустан и долна облека од 550 долари. За работите да бидат уште покомплицирани, продавачите тврделе дека таа претходно пазарела со уште една жена со црна кратка коса, иако оваа жена не била фатена на камера. И покрај медиумското внимание поради нејзиното исчезнување, жената што ја придружувала Снеха никогаш не се појавила. Допрва треба да биде идентификувана.

Друга видеоснимка од безбедносните камери, откриени од приватен истражувач ангажиран од нејзиниот сопруг, е доста интересна. Снимката била направена во фоајето на зградата каде што живееле Снеха и нејзиниот сопруг, неколку моменти пред првиот авион да удри во соседната кула во утринските часови на 11 септември. Снимката покажува дека жена влегува во зградата, чека пред лифтот повеќе од една минута, а потоа излегува. Либерман инсистира дека женската силуета, фризурата и манирите се совпаѓаат со оние на неговата сопруга. Ако е тоа така, тогаш зошто Снеха не се качила во станот? Дали го слушнала авионот кога ја погодил кулата и веднаш отишла надвор? Дали ја искористила можноста за да исчезне?

Колку повеќе полицијата истражувала, толку поголема изгледала веројатноста Снеха да избегала. Нападот на Светскиот трговски центар бил совршен момент.

И покрај негирањето на нејзиното семејство, животот на Снеха бил доста проблематичен. Пролетта дознала дека нејзиниот договор во болницата нема да биде обновен поради проблеми поврзани со алкохолот. Исто така, таа обвинила колега дека сексуално ја вознемирувал. Откако нејзината приказна била испитана од полицијата, биле пронајдени дупки во случајот, па поради тоа била обвинета за лажно тврдење. Судот ѝ понудил да го отфрли обвинението, но таа не сакала, па била уапсена и поминала една вечер в затвор. Судските документи покажуваат дека таа имала брачни проблеми поради кои често останувала надвор со луѓе (непознати за нејзиниот сопруг) кои ги среќавала во барови. Овие лица биле откриени како женски љубовници. Друг полициски извештај вели дека утрото на 10 септември Либерман и Снеха имале жестока расправија поради тоа што користела дрога и алкохол и поради нејзината бисексуалност.

Либерман жестоко го негира сето ова, држејќи се за херојскиот наратив што го создал за својата сопруга. Канцеларијата на медицинскиот испитувач не се согласила и го отстранила името на Снеха од официјалната листа на жртви на 9/11 во 2004 година.  

- Оваа жена исчезнала еден ден пред нападот. Не постојат докази што покажуваат дека била жива на 11 септември - велат од канцеларијата.

Ова било удар за Либерман и не сакал да го прифати. Тој и семејството на Снеха со години поднесувале барања за поништување на оваа одлука. Во ноември 2005 година судијата го одбил неговото барање за нејзината смрт да се води на 11 септември 2001 година - наместо тоа, Либерман добил пресуда дека починала на 10 септември 2004 година. Според законот во Њујорк, нејзината смрт била официјално наведена три години по нејзиното необјасниво отсуство.

И покрај сите препреки, нејзиното семејство продолжило да се бори. Либерман тврди дека расправијата во судницата никогаш не се случила.

- Овие наводи за нејзината бисексуалност се смешни - изјави Либерман за „Њујорк магазин“ во 2006 година.

- Нејзините родители и јас сакаме нејзиното име да се најде на листата. Ставете крај на страдањето на ова семејство. Нејзината мајка постојано плаче. Никој нема да биде повреден ако се направи тоа - додава тој.

Во јануари 2008 година, Либерман конечно успеал да ја поништи пресудата од 2004 година, па сега е наведено дека Снеха починала во нападот. По пресудата, Снеха Ен Филип официјално била прогласена како 2751-та жртва на нападите на Светскиот трговски центар и нејзиното име било додадено на споменикот на жртвите.

Вистината за Снеха можеби никогаш нема да се открие - освен ако таа повторно не се појави исто како што исчезна.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот