X
 10.09.2025 Наша тема

Бобан Бошевски и неговиот тим освоија второ место на Интернационалниот натпревар за нови концепти во образованието во Пекинг

Од регионалната победа во Загреб до финалето во Пекинг поминавме низ многу фази на адаптација, конструктивна критика и дообработка. Научив дека секоја идеја, колку и да изгледа добра на почеток, може да се унапреди доколку си отворен за нови погледи и соработка, вели Бобан Бошевски, кој учествуваше на Интернационалниот натпревар организиран од Педагошкиот универзитет во Пекинг и УНЕСКО

Бобан Бошевски неодамна учествуваше на Интернационалниот натпревар организиран од Педагошкиот универзитет во Пекинг и УНЕСКО посветен на нови концепти и иновативни решенија за иднината на образованието. Со помош на иновативното решение на тимот чиј лидер беше тој, победија на натпреварот во Загреб, а победата ги однесе во Пекинг, каде што го освоија второто место.

Тимот го формирал постепено, преку пријателства и познанства кои се развивале во текот на студиите.

- На самиот почеток немавме конкретна цел во однос на финалето – едноставно сакавме да ја разработиме идејата што ја замисливме. Финалниот настан во Кина ни изгледаше далечно сценарио, па не се оптоварувавме со крајниот резултат. Наместо тоа, бевме посветени на процесот на креација, а токму тоа ни помогна да дојдеме до финалето - истакна Бобан, кој е единствен претставник од Македонија.



Решение за побрз пристап до информации на студентите

Бобан заврши средно образование во техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола. Паралелно со школувањето се занимавал и со креирање видеа на неговиот јутјуб-канал IB Production. Со почетокот на факултетските студии оваа активност ја ставил во втор план, но вели дека никогаш не ја запоставил.

- Одлуката да студирам надвор од Македонија беше голем личен предизвик – сакав да се соочам со нова средина, нови луѓе и системи на образование. Сепак, Македонија секогаш ми е во мислите и останува местото каде што се гледам и во иднина. Веќе три години студирам на Факултетот за електротехника, компјутерство и информатика во Марибор. Оваа година дипломирав на насоката Информатика и технологии на податоци - ни соопшти Бобан.



Тој ни раскажа повеќе околу концептот и идејата што ја реализира првично во Загреб, а која понатаму го однесе во Пекинг.

- Лично сметам дека нашиот концепт претставува нешто што сѐ почесто ќе го гледаме во иднина. Почнавме од реалните предизвици – нашите лични искуства и проблемите со кои се соочуваат учениците денес. Решението што го предложивме овозможува побрз пристап до информации, поквалитетни материјали за учење и поефикасно искористување на времето за учење. Дополнително, концептот овозможува персонализиран пристап – секој ученик да учи на начин приспособен на неговите потреби и можности. Она што ја прави идејата навистина силна е тоа што не е само визија за иднината, туку е изводлива и применлива во поширок контекст. Таа комбинација на иновативност и практичност ја направи препознаена и победоносна, што беше потврдено и на натпреварот во Загреб - информира Бобан.

Финалето во Пекинг било сосема ново искуство за нив. Им биле дадени само 48 часа да развијат целосно нова идеја на зададената тема.

- Притисокот беше многу поголем, но тоа ни овозможи да работиме интензивно и фокусирано. Темата што ни беше доделена беше „Sustainable Intergenerational Cooperation Design (Human-Human Symbiosis)“. Од идеја до реализација поминавме низ повеќе фази, каде што секој нов чекор претставуваше усовршување и подобрување на првичната замисла. Нашиот тим беше интердисциплинарен и се состоеше од членови од два различни факултети, што ни даде поширока перспектива и разновидни пристапи. Јас ја имав улогата на лидер на тимот, но работата беше колективна и динамична. Моите главни одговорности беа насочени кон документација на идејата, истражување и проверка на нејзината изводливост, координирање на фазите на работа, подготовка и уредување на видеопрезентацијата, како и активно учество во презентирањата. Во секоја фаза се трудев да придонесам и со подобрување на концептот, заедно со остатокот од тимот. Тоа заедничко залагање беше клучно за нашата успешна реализација - посочува Бобан.



Поддршката и мотивацијата од менторите биле клучни за успехот

Во финалето ја презентирале идејата за создавање поцврста врска меѓу младите и постарите генерации преку соработка и размена на знаење. Веруваат дека постарите лица поседуваат искуства и вештини кои можат значително да им користат на младите, додека младите носат нови знаења и перспективи што се вредни за постарите – и токму таа симбиоза е клучот за одржлива меѓугенерациска соработка.

- Во текот на процесот на развивање и презентирање менторите ја прифатија нашата идеја со ентузијазам, давајќи ни конструктивни критики што дополнително ни помогнаа да ја усовршиме. На финалното презентирање пред жирито, комбинацијата од иновативноста на концептот и начинот на кој ја претставивме нашата визија остави силен впечаток. Жирито беше воодушевено и токму затоа успеавме да го освоиме високото второ место - вели Бобан.

Како што ни сподели тој, конкуренцијата била силна уште од полуфиналето во Загреб, каде што се натпреварувале со многу тимови од Хрватска и Унгарија. Но, во Пекинг тоа се искачило на едно сосема ново ниво – таму учествувале 27 тима од различни делови на светот, меѓу кои Народна Република Кина, Јужна Кореја, Малдиви, Малезија и многу други земји.

- Она што најмногу ме изненади кај другите тимови беше нивната посветеност и квалитетот на презентирањето. Секој тим дојде со уникатна перспектива и иновативни пристапи. Сепак, во одредени сегменти успеавме да бидеме понапредни и токму тоа ни донесе предност. Особено позитивно искуство беше дружењето со учесниците од Кина, кои покрај тоа што беа одлични натпреварувачи, се покажаа и како многу топли и дружељубиви луѓе. Целото тоа искуство не беше само натпревар, туку и можност за културна размена - споделува Бобан.

- Улогата на професорот Боштјан Шумак и Маја Пушник беше навистина голема – тие не беа само советници, туку и водичи кои ни помогнаа да останеме фокусирани и да ја насочиме енергијата во вистински правец. Во моменти кога се двоумевме околу следните чекори или имавме дилеми за тоа кој пристап е најдобар, тие секогаш беа присутни со јасен совет и поддршка. Нивната стручност и охрабрување беа неопходни за да изградиме самодоверба и да ја донесеме нашата идеја до ниво на победа во Загреб и во Пекинг - споделува Бобан.

Улогата на Бобан била повеќеслојна, од координација на тимот, преку истражување и разработка на идејата, до подготовка и презентирање. Се трудел секогаш да ги поврзе сите сегменти и да обезбеди напредок во секоја фаза.

- Што се однесува до Пекинг, тоа беше навистина незаборавно искуство. Сѐ беше сосема поинакво од тоа на што сме навикнати – од необичната храна преку неверојатната динамика и метежот во градот, па сѐ до величественоста на Кинескиот ѕид. Токму тие моменти, кои комбинираа и културен шок и восхит, ќе ги паметам како дел од ова патување. Овој процес ме научи дека најголемата сила е во тимската работа и во постојаното усовршување на идејата. Од регионалната победа во Загреб до финалето во Пекинг поминавме низ многу фази на адаптација, конструктивна критика и дообработка. Научив дека секоја идеја, колку и да изгледа добра на почеток, може да се унапреди доколку си отворен за нови погледи и соработка. Исто така, сфатив колку е важно да се остане смирен и фокусиран под притисок. Финалето во Пекинг, со рок од само 48 часа за целосно нов концепт, беше вистински тест за тоа. Ова искуство ќе го искористам понатаму во кариерата и студиите како пример дека комбинацијата на креативност, истрајност и тимска синергија секогаш носи резултат. Ми даде дополнителна мотивација да продолжам да се насочувам кон решенија што имаат вистинско значење за луѓето и општеството - посочува Бобан.

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.

Фотографии: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема