X
 24.10.2018 Образование

Саемска презентација „Студирај во Пекинг 2018“

Претставници од девет факултети и средни училишта од кинескиот главен град учествуваат на саемот за образование „Студирај во Пекинг 2018“ што денеска се одржува во Скопје, каде што средношколци и студенти може да се информираат за студирањето и за можностите да добијат стипендија. Високообразовните институции кои се претставуваат во Скопје нудат стипендии во сферата на правото, финансиите, новинарството и комуникациите. Заменик-директорката на Комитетот за образование на град Пекинг, Џин Хонглиен, на отворањето на саемот истакна дека Пекинг има 92 високообразовни институции, од кои 40 имаат 384 студиски програми на англиски јазик. Престолнината на Кина има долга историја, но воедно е и современ, отворен и инклузивен град во кој образованието има огромна улога.

- Создаден е интегрален образовен систем за меѓународни студенти кој е во состојба да им помогне на студентите од странство со образование на сите полиња. Заклучно со 2017 година во образовните институции на Пекинг на сите нивоа има над 130.000 странски студенти кои доаѓаат од 193 земји. За да им овозможи финансиска поддршка на странските студенти, кинеската влада ги има воспоставено програмите Кинеска владина стипендија, како и стипендијата на институтите „Конфуциј“. Пекинг има стипендија на Град Пекинг за странски студенти, а некои образовни установи имаат и сопствени стипендии - рече Хонглиен.

Таа ги покани македонските студенти да го посетат Пекинг, таму да учат и да ја почувствуваат древноста и современоста на нивниот град.
На саемот, на кој присуствуваа средношколци од неколку скопски училишта, за улогата на образованието и пријателските односи меѓу Македонија и Кина зборуваа кинеската амбасадорка Јин Лишијан и заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов.
Амбасадорката Лишијан рече дека образованието е клуч за економски и општествен развој на секоја земја и дека големите можности и понуди за едукација се и можности за соработка меѓу двете земји. Атанасов посочи дека во 2016-2017 година се реализирале девет заеднички научноистражувачки проекти, во областите информатички науки и технологии, земјоделство, биологија, градежништво и земјотресно инженерство и сеизмологија.

Претставниците од делегацијата од Пекинг ќе посетат дел од факултетите во земјава каде што ќе се запознаат во кои области може да се воспостави соработка. Таа, главно, ќе биде насочена кон студентските програми за размена, преку кратки и подолгорочни програми, соработка во сферата на научните конференции и средби, како и во областа на образовните искуства и студирање.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование