Жителите на Париз имаат шанса засекогаш да „се вселат“ меѓу легендарните уметници, како пејачот на „Дорс“, Џим Морисон, писателот Оскар Вајлд и славната француска шансониерка Едит Пјаф. Градот започна необична лотарија што им овозможува на граѓаните да купат и да обноват запуштени надгробни споменици во познатите, но преполни париски гробишта „Пер Лашез“, „Монпарнас“ и „Монмартр“.
На секое од овие три гробишта избрани се по десет споменици на кои им е потребна обнова. Тие се продаваат по цена од 4.000 евра, под услов купувачите да ја финансираат нивната реставрација и потоа да обезбедат свое гробно место покрај нив.
Како што наведува парискиот градски совет, проектот претставува компромис помеѓу почитта кон починатите и желбата жителите на Париз да можат да бидат погребани во самиот град.
Поради пренатрупаноста на гробиштата, нови парцели речиси и да нема. Повеќето гробишта се пополнети уште од почетокот на 20 век.
Одржувањето на спомениците е обврска на семејствата, а не на градот, па со текот на времето многу гробови пропаѓаат и се забораваат. Сепак, нивното отстранување е комплицирано бидејќи париските гробишта се заштитени како културно наследство.
Затоа градските власти се надеваат дека новата програма, едногласно усвоена во април, ќе придонесе за обновување на историските споменици и зачувување на познатите париски гробишта, кои се и популарни туристички дестинации.
Познати личности погребани на гробиштата
На „Пер Лашез“ покрај Морисон, Пјаф и Вајлд, почиваат и францускиот писател Марсел Пруст и полскиот композитор Фредерик Шопен.
На „Монпарнас“ се погребани филозофите Жан-Пол Сартр и Симон де Бовоар, писателот Семјуел Бекет и пејачот Серж Генсбур, а таму е положена и урната на актерката Џејн Биркин.
Гробиштата „Монмартр“ ги чуваат гробовите на сликарот Едгар Дега, писателот Емил Зола и филмскиот режисер Франсоа Трифо.
Сепак, ниеден од спомениците на славните уметници не е дел од оваа понуда, туку на продажба се 30 гроба од 19 век, најчесто со избледени натписи.
Право на учество во лотаријата имаат само жителите на Париз, а властите се одлучиле за ваков систем поради огромниот број пријави. Извлекувањето ќе се одржи во јануари. Но, извлечените добитници ќе мора длабоко да посегнат во џебот.
Според условите, споменикот мора да го обноват во рок од шест месеци, а новиот дизајн мора да остане верен на оригиналот. Во истиот рок треба да обезбедат и парцела во близина. Ако не го направат тоа, купувањето се поништува, а парите не се враќаат.
Цените на гробните места во париските гробишта зависат од времетраењето на закупот: 10-годишен закуп чини 976 евра, 30-годишен закуп чини 3.354 евра, 50-годишен закуп е 5.260 евра. „Вечно“ гробно место чини 17.668 евра.
Кога закупот ќе истече и ако не биде обновен, парцелата може повторно да се продаде.
Извор:
6yka.com
Фото:
Wikipedia