Со споредување на снимки од 1980-тите и 2010-тите, откриено е дека луѓето пократко се задржуваат и комуницираат поретко на јавни места.
Пешаците денес одат 15% побрзо и застануваат на јавни места 14% помалку отколку порано, според студија спроведена од „Сенсејбл Сити Лаб“на МИТ, истражувачка лабораторија предводена од архитектот Карл Рати.
Користејќи компјутерска визија и вештачка интелигенција за анализа на видеа од четири јавни простори во три американски градови, студијата открила дека брзината на одење значително се зголемила помеѓу 1980 и 2010 година, додека бројот на луѓе што застануваат или комуницираат се намалил.
Кои се резултатите?
Истражувањето покажало дека брзината на одење се зголемила од 1,25 на 1,41 метри во секунда, што е зголемување од 15%. Од друга страна, уделот на луѓе што застануваат на улица за да се одморат или да разговараат, се намалил од 43% на 26%.
Додека ја изготвувале студијата истражувачите забележале дека во снимките од 1980-тите, еден од дваесет луѓе комуницирал со некого во околината, додека во втората деценија од 21 век, само еден од педесет луѓе го правел тоа.
Зошто се случува ова?
Истражувачите наведуваат неколку фактори:
-гентрификација и зголемување на нивото на приходи;
-мобилни телефони, т.е. повеќе нема чекање пријатели на плоштад или друго јавно место;
-култура на кафе, т.е. луѓето претпочитаат да седат внатре отколку надвор;
-променет начин на живот што довело до забрзување на секојдневниот живот.
Што значи ова за градовите?
Авторите истакнуваат дека квалитетните дизајнерски простори сè уште можат да ги охрабрат луѓето да се собираат и да се задржуваат, како што се скалите на Метрополитен музејот, кое сè уште ги привлекува луѓето да седат и да се дружат, иако помалку од порано.
Тимот на МИТ вели дека нивниот следен чекор во истражувањето е да анализираат 40 јавни плоштади во Европа, со цел да ја споредат ситуацијата во Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
-Јавниот простор е поважен денес од кога било. Во дигиталната доба, тој е едно од последните места каде што сè уште постојат демократија и заеднички живот – вели Карло Рати, директор на лабораторијата и куратор на годинашното Биенале на архитектурата во Венеција.
Според истражувачите, студијата сугерира дека урбанистите ќе мора да направат повеќе отколку во претходните децении за да ги охрабрат луѓето да забават и да имаат позитивни социјални искуства.
-Овој тренд сугерира дека луѓето ги перцепираат градските улици сè повеќе како коридори за движење, а сè помалку како места за социјална интеракција. Резултатите укажуваат на промена во динамиката на градот, каде што ефикасноста сè повеќе го одредува начинот на кој се користи јавниот простор, што може да влијае врз социјалните врски и улогата на овие простори во градењето заедница - според труд објавен на крајот на јули во списанието ПНАС.
Фото: Freepik