Американски научници развија нов вид „ДНК хард диск“ кој ветува вистинска револуција во складирањето податоци. Истражувачите од Универзитетот во Мисури открија метод со кој информациите можат повеќепати да се запишуваат, да се бришат и повторно да се запишуваат на ДНК, иако високата цена засега останува главна пречка за масовна употреба.
Универзитетот во Мисури објави напредок во технологијата што ја нарекуваат „ДНК хард диск“, тврдејќи дека овозможува повеќекратно складирање, бришење и препишување информации. За разлика од класичните хард дискови или складирањето во облак, кои се потпираат на магнетни медиуми или ССД-технологија, овој пристап ја користи молекуларната стабилност на ДНК.
Истражувачите наведуваат дека ДНК нуди исклучителна густина на складирање и долготрајност, што ваквите уреди би можело да ги направи практични и енергетски поефикасни во споредба со денешните центри за податоци.
Складирање на молекуларно ниво
Овој пристап се темели на идејата да се искористи нешто што природата веќе го прави - ефикасно складирање огромни количини информации во исклучително мал простор. Долговечноста на ДНК како медиум за складирање податоци значително ги надминува сите сегашни технологии, со потенцијал информациите да се чуваат илјадници години, за разлика од дисковите или ССД-уредите чиј работен век обично се мери во децении.
Професорот по хемија и биомедицинско инженерство Ли-Чун Ендру Гу од Колеџот за инженерство при Универзитетот во Мисури ја објасни мотивацијата за проектот.
- ДНК е неверојатна. Го чува нацртот на животот во мал, стабилен пакет. Сакавме да видиме дали можеме да складираме и да препишуваме информации на молекуларно ниво побрзо, поедноставно и поефикасно од кога било - изјави тој.
Како функционира „ДНК хард дискот“?
Иако деталите за процесот на запишување податоци сè уште се ограничени, научниот труд на истражувачите опишува метод наречен „фрејмшифт“ кодирање. Овој метод ги претвора бинарните информации во низа од нуклеотиди (A, C, G и T), кои потоа се синтетизираат како ДНК-вериги.
За читање на податоците, тимот користел компактен електронски уред со таканаречен нанопорен сензор. Додека ДНК-веригата минува низ нанопората, електрониката и софтверот детектираат суптилни електрични промени и ги претвораат секвенциите A, C, G и T во бинарни податоци.
Оваа комбинација на молекуларно кодирање и електронско читање би требало да овозможи повеќекратно запишување податоци, на начин сличен на работата на класичните хард дискови.
Практичната примена е далеку
Иако пристапот засега е главно теоретски, истражувачите веруваат дека може да стане долгорочна алтернатива на енергетски интензивните решенија за складирање податоци.
Претходните системи за складирање податоци на ДНК биле претежно архивски, што значи дека податоците можеле да се зачуваат, но не и лесно да се менуваат.
Сепак, тимот сè уште не демонстрирал помал уред подготвен за корисници. Деталите за прототипот, неговите перформанси и можниот рок на достапност не се објавени, па прашањата за брзината, сигурноста и цената остануваат отворени. Истражувачите признаваат дека намалувањето на ДНК хард дискот до големина на УСБ-стик е долгорочна цел, а не нешто што ќе се случи во блиска иднина.
Цената е најголемата пречка
Овој пробив се надоврзува на децении истражувања за складирање податоци базирано на ДНК, вклучително и соработки во кои учествувале Институтот за технологија во Масачусетс, Универзитетот во Вашингтон и „Мајкрософт“.
Складирањето податоци на ДНК ветува милијарди терабајти во микроскопски волумени кои можат да траат со векови. Сепак, за поединечните корисници оваа технологија засега е практично недостижна.
Компанијата „Атлас дата стореџ“ неодамна откри планови за складирање 13 терабајти дигитални информации во простор мал колку една капка вода. Но технологијата останува исклучително скапа.
Францускиот стартап „Биомемори“ продава пар ДНК-картички за складирање од само еден килобајт за 1.000 долари. Тоа значи дека складирање на само пет мегабајти податоци (5.120 KB) би барало 5.120 пара картички, што би чинело неверојатни 5,12 милиони долари.
Затоа, барем засега, оваа футуристичка технологија останува далеку од секојдневната употреба.
Извор:
24sata.hr
Фото: Freepik