Изложеноста на чад од цигари по раѓањето ја менува метилацијата на ДНК, што може да објасни некои негативни здравствени ефекти, покажува ново истражување.
Децата што се изложени на пасивно пушење дома имаат поголеми шанси да развијат одредени промени во епигеномот, кои можат да влијаат врз начинот на кој се изразуваат гените. Овие епигенетски промени можат да го зголемат ризикот од болести во иднина. Ова е главниот заклучок на истражување спроведено од Институтот за глобално здравје во Барселона (ИСГлобал), поддржано од фондацијата „Ла Каикса“. Резултатите ја нагласуваат потребата од намалување на изложеноста на децата на пасивно пушење.
Како чадот од цигари ја менува ДНК?
Нашата ДНК функционира како упатство за организмот. Иако чадот од цигарите не ја менува самата генетска секвенција, тој додава „ознаки“ на одредени делови, што влијае врз начинот на кој овие инструкции се читаат. Една од главните епигенетски промени е метилацијата на ДНК, која може да вклучи или исклучи одредени гени.
Додека е добро познато дека пушењето во бременоста влијае врз епигеномот на плодот, ова истражување е едно од првите што покажува како изложеноста на чад од цигарите во детството може да има сличен ефект.
Истражувањето и неговите наоди
Во истражувањето биле вклучени 2.695 деца од осум европски земји: Шпанија, Франција, Грција, Литванија, Норвешка, Холандија, Обединетото Кралство и Шведска. Учесниците биле на возраст од 7 до 10 години.
Истражувачите анализирале примероци од крв за да ги испитаат нивоата на метилација на одредени ДНК-локации и ги поврзале со бројот на пушачи во домаќинството (0,1 или 2 и повеќе). Откриле промени на 11 региони кои биле поврзани со изложеноста на пасивно пушење. Повеќето од овие региони веќе биле идентификувани во претходни истражувања кај активни пушачи или кај деца чии мајки пушеле во текот на бременоста. Дополнително, шест од овие региони биле поврзани со болести како астма и рак, за кои пушењето е ризик-фактор.
- Нашето истражување покажува дека пасивното пушење во детството остава молекуларни траги и може да ја промени експресијата на гени што влијаат врз подложноста на болести во зрелоста - вели Марта Косин-Томас, истражувач и прв автор на истражувањето.
Глобален проблем со долгорочни последици
Иако законските регулативи за пушење во јавни простори се заоструваат, домот останува главен извор на изложеност на пасивно пушење кај децата. Во 2004 година било проценето дека 40 отсто од децата во светот се изложени на чад од цигарите. Покрај зголемениот ризик од респираторни и кардиоваскуларни заболувања, пасивното пушење може да влијае и врз невролошкиот развој и имунолошкиот систем на детето.
- Резултатите покажуваат дека пасивното пушење во детството предизвикува епигенетски промени слични на оние што се забележуваат кај фетуси изложени на чад од цигари во матката или кај активни пушачи. Ова ја потенцира итноста на воведување мерки за намалување на изложеноста на децата на чад од цигарите, особено во затворени простории - вели Марина Бустаманте, виш истражувач од „ИСГлобал“.
- Не станува збор само за индивидуална одговорност на семејствата - изложеноста на чад од цигари е проблем на јавното здравје и рефлектира социјална нееднаквост. Социо-економските и еколошките фактори, заедно со влијанието на моќни тутунски корпорации, го отежнуваат намалувањето на изложеноста на чад од цигари во одредени домаќинства - заклучува Марта Косин-Томас.
Извор:
Science Daily
Фото: Freepik