X
 11.05.2018 Наука

Треба да се засрамиме - планетата не е за еднократна употреба

Токсичната зависност на човештвото од пластика достигна неверојатни длабочини. Иако сакаме да зборуваме фигуративно, сепак ова е реалност.

Новото истражување што ги анализира податоците за ѓубре создадено од човекот во период од 30 години во најдлабоките делови на океанот открива дека се пронајдени речиси 3.500 парчиња пластика и други остатоци во овие кревки екосистеми.

Доколку беше потребен доказ дека повеќе не постои недопрено место на нашата сиромашна, загадена земја, сега имаме совршен, превртен симбол: меѓу ова ѓубре, најдлабокиот отпад е фрагментирана пластична кеса за еднократна употреба, фрлена на длабочина од 10.898 метри во Маријанскиот Ров.

Маријанскиот Ров е најдлабокиот дел од целиот океан - дом на далечни, туѓи форми на морски животни за кои не знаеме ништо и претставува речиси недостижна локација.

1
Фото: JAMSTEC

Во новото истражување тимот од истражувачи предводен од Јапонската агенција за наука и технологија за морска геологија ја анализирал содржината на базата на податоци за отпадоци длабоко во морето.

Пребројувајќи ги евиденциите од 5.010 нуркања во базата на податоци, тимот изброил 3.425 предмети од човечки остатоци, од кои повеќе од една третина биле макропластични - видливи парчиња пластика поголеми од 5 мм. Од овие макропластични остатоци речиси 90 отсто се пластика за еднократна употреба.

Во случајот со пластична кеса, таа била забележана пред речиси 20 години, на 20 мај 1998 година. Низ децениите нејзината излитена форма веројатно се распаднала во загадувачка микропластика на површината на океанот.

2
Фото: JAMSTEC

- Бидејќи длабокото море веројатно е крајната дестинација на лебдечки пластични остатоци, честото појавување и распространетата дистрибуција на пластични остатоци во длабокото море укажуваат на тоа дека голем број пластични остатоци се дистрибуираат низ водата и на отвореното море - објаснуваат истражувачите.

Ова значи дека истражувањето ги покажува најдлабоките докази за проблемот со загадувањето на океанот.

3
Фото: JAMSTEC


Истражувачите велат дека единствениот начин да се спречи овој проблем да стане полош е да се регулира производството на пластика за еднократна употреба и со тоа да се спречи протокот на овие опасни остатоци до крајбрежјата.

Тоа е уште еден начин да кажеме дека планетата не е за еднократна употреба.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука