X
 11.05.2020 Наука

Научник што се борел против ебола и ХИВ заразен со коронавирусот: Конечно, и мене ме стигна

Вирологот Питер Пиот, директор на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, се заразил со коронавирус во текот на март. Тој поминал една недела во болница, а откако состојбата му била подобра, бил испратен на домашно лекување.

Пиот бил дел од групата што го откри вирусот ебола во 1976 година и во текот на целата кариера се борел против заразни болести. Тој ја предводел Заедничката програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА помеѓу 1995 и 2008 година и во моментов е советник за коронавирус на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Но, неговото лично соочување со новиот коронавирус било искуство што му го променило животот.

- На 19 март одеднаш добив висока температура и ужасна главоболка. Черепот и косата исклучително ме болеа, што беше бизарно. Немав кашлица во тој период, но мојата интуиција ми кажуваше дека го имам вирусот. Продолжив да работам од дома. Вложивме многу напори за телекомуникациско работење во Лондонската школа минатата година, така што не требаше да патувам толку. Таа инвестиција, направена во контекст на борбата против глобалното затоплување, сега се покажа како многу корисна.

Бев тестиран и излегов позитивен на Ковид-19, како и што се сомневав. Се ставив во самоизолација во гостинската соба во мојот дом. Но, температурата не помина. Никогаш не сум бил сериозно болен и никогаш не сум зел боледување во изминатите 10 години. Водам прилично здрав живот и редовно пешачам. Единствениот ризик-фактор за короната е мојата возраст - имам 71 година. Оптимист сум по природа, така што мислев дека брзо ќе помине. Но, на 1 април еден пријател-доктор ме советуваше да направам темелно испитување бидејќи температурата и исцрпеноста ми се влошуваа.

Излезе дека имав сериозен недостиг на кислород, иако немав проблеми со недостиг на здив. Сликите на белите дробови покажаа дека имам тешка пневмонија, типична за Ковид-19, како и бактериска пневмонија. Постојано бев исцрпен, иако цел живот сум полн со енергија. Не чувствував само замор, туку и целосна исцрпеност; тоа никогаш нема да го заборавам. Морав да бидам хоспитализиран, иако во тој период тестот покажа дека сум негативен на вирусот. И тоа е типично за Ковид-19: вирусот исчезнува, но последиците остануваат со недели.

Бев загрижен дека веднаш ќе ме стават на респиратор затоа што имав видено публикации што покажуваа дека респираторот ја зголемува шансата за смртност. Бев многу исплашен, но за среќа ми дадоа само маска за кислород. Завршив во одделот за интензивна нега. Уморни сте, така што ѝ се предавате на судбината. Целосно му се предавате на медицинскиот персонал. Живеете рутина од шприц до инфузија и се надевате дека ќе се извлечете.

1
Питер Пиот/Фото: Heidi Larson

Делев соба со бездомник, чистач од Колумбија и со човек од Бангладеш - тројцата дијабетичари. Деновите и ноќите ми беа осамени бидејќи никој немаше енергија да зборува. Со недели шепотев; дури и сега мојот глас ја губи моќта навечер. Постојано едно прашање ми се вртеше низ главата: каков ќе бидам кога ќе се извлечам од ова?

По борбата со вируси низ цел свет над 40 години, станав експерт за инфекции. Ми беше мило што имав корона, а не ебола, иако вчера прочитав научна студија што заклучи дека имате 30 отсто шанси да умрете ако завршите во британска болница со Ковид-19. Тоа е иста стапка на смртност како еболата во 2014 година во Западна Африка. Ве тера да го изгубите научното во вас и да им се препуштите на емоционалните размислувања. Стигнаа до мене, си велев. Цел живот го посветив на борбата против вирусите и на крај тие ми се одмаздуваат. Една недела балансирав помеѓу небото и земјата, на работ од она што мислев дека е крајот.

Бев пуштен од болница по една недела. Си отидов дома со јавен превоз. Сакав да го видам градот, со празните улици, со затворените пабови и изненадувачки свежиот воздух. Никој немаше на улица - чудно искуство. Не можев да одам како што треба бидејќи мускулите ми беа ослабени од лежење, што не е добра работа кога се лекувате од некаква болест на белите дробови. Дома долго време плачев. И лошо спиев одреден период. Сомнежот дека нешто може да тргне наопаку продолжуваше да ми минува низ главата. Сега му се восхитувам на Нелсон Мандела многу повеќе од претходно. Тој беше затворен во затвор цели 27 години, а излезе како помирувач.

Отсекогаш сум имал голема почит кон вирусите и тоа не се намали. Голем дел од мојот живот го посветив на борбата против сидата. Станува збор за многу паметен вирус; избегнува сè што правиме за да го блокираме. Сега, кога сам го почувствував присуството на вирусот во моето тело, различно гледам на вирусите. Сфаќам дека ова ќе го промени мојот живот и покрај конфронталните искуства што претходно ги имав со вирусите. Сега се чувствувам поранливо.

По една недела откако бев пуштен од болницата сè повеќе се борев со недостиг на здив. Морав повторно да одам во болница, но да се лекувам амбулантски. Излезе дека имам таканаречена цитокинска бура - претеран имунолошки одговор на организмот што резултира со тешки воспалителни промени. Многу луѓе не починаа од оштетувањата на ткивата предизвикани од вирусот, туку од претераниот одговор на нивниот имунолошки систем, што не знае што да прави со вирусот. Сè уште сум под терапија, со високи дози на кортикостероиди кои го забавуваат имунолошкиот систем. Ако ја имав оваа состојба заедно со симптомите на коронавирусот во моето тело, немаше да преживеам. Имав атријална фибрилација, при што отчукувањата на срцето одеа над 170 во минута; што исто така треба да се контролира со терапија за да спречи згрутчување на крвта, вклучувајќи и мозочен удар. Ова е потценетата способност на вирусот: може да влијае врз сите органи во нашето тело.

Многу луѓе мислат дека Ковид-19 убива само 1 отсто од пациентите, а остатокот поминуваат со симптоми на грип. Но, приказната станува покомплицирана. Многу луѓе ќе имаат хронични проблеми на бубрезите и срцето. Се нарушува и нивниот нервен систем. Низ светот има стотици илјади луѓе на кои ќе им биде потребна дијализа до крајот на животот. Колку повеќе работи дознаваме за коронавирусот, толку повеќе прашања излегуваат. Учиме додека пловиме. Затоа ме вознемируваат многу луѓе што ги критикуваат научниците и креаторите на политики, кои напорно работат да ја донесат епидемијата под контрола. Тоа не е фер.

Денес, по 7 недели од болеста, се вратив во форма. Јадев бел аспарагус, што го нарачувам од турски продавач на овошје и зеленчук. Јас сум од Белгија, заедница што одгледува аспарагус. Сликата на моите бели дробови конечно изгледа подобро. Отворив шише бело вино за да прославам, првпат по подолго време. Сега сакам да се вратам на работа, иако мојата активност ќе биде ограничена одреден период.

Комисијата е силно посветена на поддршка за создавање вакцина. Да бидеме јасни: без вакцина против вирусот никогаш нема да можеме да живееме нормално. Единствената вистинска стратегија за излез од оваа криза е вакцина што може да се рашири низ целиот свет. Тоа значи производство на милијарди дози, што е огромен предизвик во однос на производствена логистика. И покрај напорите, сè уште не е сигурно дали е можен развој на вакцина за Ковид-19.

Денес постои и парадокс дека некои луѓе што им го должат животот на вакцините повеќе не сакаат да ги вакцинираат своите деца. Тоа би можело да биде проблем ако сакаме вакцината да ја користиме како оружје против коронавирусот, затоа што ако многу луѓе не сакаат да се приклучат, никогаш нема да ја ставиме пандемијата под контрола.

Се надевам дека оваа криза ќе ги намали политичките тензии во голем број области. Можеби станува збор за илузија, но во минатото видовме дека кампањите за вакцинирање против детска парализа доведоа до примирје. Исто така, се надевам дека Светската здравствена организација, која прави одлична работа во борбата против Ковид-19, може да се реформира за да стане помалку бирократска и помалку зависна од советодавните комитети во кои одделни земји првенствено ги бранат своите интереси. СЗО премногу често станува политичко игралиште.

Како и да е, јас останувам оптимист. И сега, кога се соочив со смртта, моето ниво на толеранција за глупости се спушти повеќе отколку порано. Затоа, продолжувам смирено и ентузијастично, иако поизбирливо отколку пред мојата болест.

Извор: Sciencemag.org
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука