X
 11.05.2023 Технологија

Психолози им ги зеле телефоните на тинејџери на 8 часа. Еве што се случило

Често се зборува за штетноста на пречестата употреба на мобилните телефони од страна на децата и тинејџерите. Експертите се согласни дека претераното користење на овие уреди има влијание врз мозокот и целокупното ментално здравје.

Екатерина Мурашова, руски психолог, во 2013 година спровела интересен експеримент за да види што ќе се случи доколку група тинејџери останат без телефон еден ден. Во експериментот, 68 тинејџери на возраст од 12 до 18 години не користеле телефон, компјутер, телевизор, таблет или уред за играње во период од осум часа. Во тоа време од нив било побарано да не комуницираат со никого. Тие смееле да пишуваат, цртаат, читаат, пеат, шетаат и слично. Децата биле советувани да го прекинат експериментот доколку почувствуваат претерана неудобност или тензија.

Резултатите биле шокантни, а треба да се земе предвид и дека експериментот бил спроведен пред десет години, кога технологијата била помалку распространета отколку денес. Од 68 испитаници, само тројца го завршиле експериментот - едно девојче и две момчиња. Тинејџерката во период од 8 часа ги запишувала своите чувства во дневник. Едното момче изработувало макета на брод и го шетало кучето, а другото момче ги сортирало своите збирки, а потоа пресадувало цвеќиња. Никој од нив немал негативни емоции за време на експериментот.


Фото: Pixabay

Од другите учесници, тројца изјавиле дека имале суицидни мисли, а пет доживеале панични напади. Кај 27 тинејџери биле забележани симптоми на мачнина, потење, вртоглавица, бранови на топлина или болка во стомакот. Речиси секој од нив пријавил чувство на страв и тешкотија. Интересот и возбудата за новата ситуација паднале кај речиси сите учесници на почетокот од вториот или третиот час.

Десет тинејџери што го прекинале експериментот се чувствувале тешко по само два или три часа. Речиси секој учесник во одреден момент се обидел да заспие, но никој не успеал поради мислите што му се вртеле во главата.

Што се случило по експериментот?

По завршувањето на експериментот, 14 тинејџери веднаш им се вратиле на социјалните мрежи, 20 им се јавиле на пријателите, тројца на родителите, а пет се виделе со пријатели. Другите вклучиле телевизор или почнале да играат видеоигри. Речиси сите веднаш вклучиле музика или ставиле слушалки. Сите стравови и симптоми исчезнале по завршувањето на експериментот.

Речиси сите тинејџери го препознале експериментот како корисен и интересен за самозапознавање. Шест од нив потоа сами го повториле експериментот и тврдат дека успеале да го завршат по неколку обиди.

Кога самите тинејџери го анализирале она што им се случило во текот на експериментот, 51 од нив користеле фрази како „зависност“, „доза“, „повлекување“, „се чини дека не можам да живеам без...“ и „постојано ми треба...“ Сите изјавиле дека биле многу изненадени од мислите што им се јавувале во текот на експериментот, но не можеле да се носат со нив поради влошување на општата состојба.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија