Доколку го планирате вашето следно патување со вашите пријателки, имаме возбудливи вести за вас - Порто штотуку е прогласен за најдобар град за патување со вашите пријателки. Оваа шармантна португалска дестинација на атлантскиот брег, го освои првото место благодарение на совршената рамнотежа помеѓу опуштена атмосфера и разновидни активностикои ги нуди. Во студијата, спроведена од „Тајтан Травел“, на секој град му била доделена оценка од 1 до 10, со фактори кои се движат од бројот на бесплатни атракции, до индексот на безбедност на градот.
Други фактори вклучуваат број на спа центри и велнес центри во градот, пабови, ресторани и клубови, како и цената на хотелските соби со три ѕвездички. Порто постигна оценка од 8,68 од 10. На високо второ и трето место, е италијанскиот град Фиренца и шкотскиот град Единбург, соодветно.
Порто: Што да посетите?
Без разлика дали сте расположени за културно истражување, вински тури, ден на плажа или ноќно излегување, Порто има сè за еден викенд. Градот е компактен, па можете да го истражите пеш без потреба од комплициран превоз. Порто е исто така рај за гурмани. Пробајте го франчесиња, локален сендвич со стопено сирење и сос од пиво, а има и бројни ресторани покрај реката со фантастични менија со риба и вина. Ако сте расположени за ноќен излез, погледнете ги баровите на улицата Галеријас де Париз со нивната одлична атмосфера. Подолу, ви носиме идеи за тоа што да видите во Порто.
Рибеира
Сместен веднаш на брегот на реката Дуро, Рибеира е најстариот и еден од најживописните делови на Порто. Неговите шарени куќи со алишта што висат од нивните прозорци, улички со калдрма и мали таверни што продаваат локално вино, ја создаваат таа типична атмосфера на „разгледница“ што веројатно ќе ве освои на прв поглед. Рибеира е совршена база за истражување на градот, но исто така е одлично место само да седнете, да ги набљудувате луѓето и да ја впиете опуштената португалска атмосфера со поглед на прекрасниот мост Дом Луис I.
Ливрарија Лело
Сместена во срцето на Порто, оваа книжарница од 1906 година редовно се појавува на листите на најубавите книжарници во светот. Со своите препознатливи спирални скали, украсни тавани и дрвени полици што кријат безброј книги, Лело изгледа како сет на фантастичен филм. Не е ни чудо што кружат приказни дека тука Џ.К. Роулинг пронашла инспирација за Хогвортс и дека често застанувала таму кога живеела во Порто во раните 1990-ти.
Плажа Матосињос
Кога ви е потребен одмор од градските улици и винските визби, плажата Матосињос е совршена дестинација за полудневно (или целодневно) бегство. Сместена на само 20 минути возење со трамвај или метро од центарот на Порто, тоа е најпопуларната плажа во градот - и со добра причина. Пространа е, песочна и идеална за сончање, лежерна прошетка покрај морето, но и за обид за сурфање ако сте расположени за авантура. Посебен белег? Ресторани веднаш до плажата каде што можете да јадете најсвежи школки, лигњи или бакалар со чаша ладно бело вино, во друштво на пријатели.
Меркадо до Болјао
За целосно искуство на градот, нема подобро место од локалниот пазар. По неколку години реновирање, овој историски пазар повторно ги отвори своите врати во модернизиран, но автентичен изглед што го зачувува духот на старите времиња. Тоа е идеално место за оние кои сакаат да купуваат локални сувенири, од локално вино, до рачно изработени сардини во конзерви што изгледаат како мали уметнички дела. Тука можете да седнете во еден од малите барови во зградата, да нарачате петискос (португалски тапас) и да гледате како градот оживува. Плус, сè изгледа доволно убаво за приказна, без употреба на филтер.
Извор: telegram.hr
Фото: Wikipedia