X
 11.08.2020 Живот

Трикови со кои работодавците ги тестираат кандидатите за работа

Пазарот на труд е многу конкурентен во моментов поради пандемијата, а компаниите што вработуваат имаат голем избор на квалификувани кандидати. За да ги одберат најдобрите, компаниите почнуваат да практикуваат техники со кои тајно ги тестираат кандидатите за време на интервјуто за работа.

Трик со кафе

Во овој трик работодавецот оди во кујната со кандидатот и му прави кафе или чај. По завршувањето на интервјуто, работодавецот гледа дали кандидатот се нуди или се обидува да ја врати празната чаша во кујната. Доколку го направи тоа, кандидатот покажува дека ќе биде добар работник.

Техника на молчење

Работодавците некогаш користат новинарска техника за време на интервју, а тоа е кратко молчење. Во новинарско интервју, новинарот некогаш прави пауза за соговорникот да се чувствува непријатно и да мора да ја пополни тишината со зборување или дополнително објаснување.


Фото: Freepik

Во интервју за работа, работодавецот може да ја искористи оваа техника да види како кандидатот се справува со ситуацијата. Дали тој останува смирен или брза да ја пополни тишината? Според експертите, доколку се случи ова за време на интервју за работа, не треба да се брза со зборување, туку да се остане трпелив и смирен и да се почека следниот чекор.

Доколку паузата трае премногу долго, може да прашате дали сте го одговориле прашањето или треба да продолжите. Така ќе добиете контролата над ситуацијата.

Седење и чекање

Периодот на чекање пред почетокот на интервјуто можеби е најтешкиот дел, но некои работодавци сакаат да го направат уште потежок - намерно ги оставаат кандидатите да чекаат подолго за да видат како ќе се справат со непријатната ситуација. Во овој случај најдобро е да се остане смирен и фокусиран.


Фото: Freepik

Трик со пенкало

Можно е за време на интервјуто на работодавецот да му падне пенкалото. Според експертите, ова е тест за да се види дали кандидатот инстинктивно ќе се обиде да го крене пенкалото. Многу луѓе се подготвуваат добро за интервјуто за работа, но инстинктивното однесување го покажува вистинското лице.

Запознавање со тимот

Најчесто запознавањето со тимот пред да заврши интервјуто е добар знак. Но ова може да биде и начин за работодавецот да добие повеќе мислења од вработените за вас. Во овој случај бидете пријателски настроени и љубезни со сите.


Фото: Freepik

Однос со оние на пониски позиции

Можеби сте слушнале за приказната со келнерот. Извршниот директор Бил Свансон забележувал како потенцијалните кандидати се однесуваат со келнерите додека се на ручек. Личноста што се однесува љубезно со работодавецот, но не и со келнерот, не е љубезна личност. Според него, треба да се биде особено внимателен со оние што се груби со луѓето кои ги сметаат за подредени.

Истото се однесува и со административните работници кои работат во приемниот дел од компаниите. Начинот на кој ги поздравувате може да им каже повеќе на работодавците отколку вашата професионална биографија.

Извор: considerable.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот