X
 11.10.2025 Наука

Генетичка анализа открива дека аутизмот не е едно нарушување

Луѓето што дознаваат дека имаат аутизам по шестата година, што е просечната возраст на дијагноза денес, често се опишуваат како лица со „поблага“ форма на аутизам отколку оние дијагностицирани во најрана возраст.

Но едно ново истражување го доведува тоа во прашање.

Генетичка анализа покажала дека лицата со дијагноза на аутизам во подоцнежното детство или адолесценцијата имаат „поинаква форма на аутизам“, а не поблага, вели д-р Варун Вариер, водечки автор на истражувањето објавено во списанието „Нејчр“.

Генетскиот профил на лицата што подоцна добиваат дијагноза за аутизам повеќе наликува на профилите кај депресија, хиперактивност/дефицит на внимание и посттрауматско стресно нарушување отколку на оној кај децата дијагностицирани на рана возраст.

Истражувањето ја потврдува идејата дека аутизмот не е единствено нарушување со една причина, туку збир на различни состојби кои имаат слични, но не и идентични карактеристики.

- Ова истражување уште еднаш покажува колку е комплексен аутизмот и колку генетиката игра клучна улога не само во дијагнозата, туку и во особеностите на секој случај - вели Алиша Халадаи, главен научен директор во научната фондација за аутизам.

Авторите на истражувањето анализирале долгорочни податоци за социјалниот, емоционалниот и бихевиоралниот развој на деца од Обединетото Кралство и Австралија, како и генетски информации за повеќе од 45.000 лица со аутизам од Европа и во САД.

Различни генетски профили


Истражувачите не се фокусирале на еден или неколку гени, туку на илјадници генетски варијанти кои заедно влијаат врз одредени карактеристики.

Додека една комбинација на гени може да предизвика тешкотии во социјалната интеракција уште во раното детство, друга комбинација може да доведе до појава на слични тешкотии дури во подоцнежните години.

- Некои деца со аутизам се развиваат различно и можеби не добиваат дијагноза порано бидејќи нивните карактеристики сè уште не се целосно изразени - објаснува Вариер.

Повеќето дијагнози се поставуваат пред 18-годишна возраст, и тоа 22 отсто до четвртата година, 20 отсто меѓу 5 и 8 години, 15 отсто меѓу 9 и 12 години, 16 отсто меѓу 13 и 17 години. Кај возрасните, жените почесто се дијагностицираат подоцна: 25 отсто од жените со аутизам добиле дијагноза по 19. година, наспроти 12 отсто кај мажите.

Истражувањето во „Нејчр“ прво го поврзува генетскиот профил со времето на дијагнозата на аутизмот. Тоа открива дека адолесцентите со нова дијагноза имаат повисок ризик од депресија. Вариер смета дека тоа се должи и на генетска предиспозиција, но и на недостиг на соодветна поддршка.

- Децата кои не се дијагностицирани навреме може да бидат исклучени, малтретирани или социјално ранливи - објаснува тој.

Во идните истражувања, Вариер планира да го проучи влијанието на општествената средина, дали таа е поддржувачка или непријателска, врз појавата на депресија кај лицата на кои подоцна им била поставена дијагнозата.

Истражувачите нагласуваат дека фокусот не треба да биде само на причините за аутизмот, туку и на создавање подобри услови за живот и поддршка за сите лица со аутизам, без разлика на возраста на дијагноза.

Извор: NBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука