X
 11.12.2025 Живот

Првата жичница во светот: во дрвени кабини од 200 кг се превезувале патници од градот до планините

Во втората половина на 19 век Европа забрзано се менуваше. Железницата целосно го редефинира концептот на растојание. Патувањето стана побрзо, туризмот се будеше, а локалната економија брзо растеше. Градот Колерн/Коле во Јужен Тирол (автономна покраина во Северна Италија), кој од околу 1.100 метри гледа надолу кон Болцано (Болцано е главен град на Јужен Тирол, Северна Италија) ја дочека 1959 година поспано, не сомневајќи се дека доаѓањето на железницата во долината ќе влијае врз целокупниот живот во околината.

Алпските пејзажи и свежиот воздух долго време привлекувале туристи на тоа место, меѓу кои и оние што биле доволно богати за да изградат вили. Гостилничарот Јозеф Стафлер, кој уредил голем имот за туризам на почетокот на 20 век, имал чувство дека оваа живописна област може да им понуди на своите гости уште повеќе... само кога би можеле некако да бидат транспортирани.

Стафлер сонувал за електрична жичница. Во 1905 година ги добил првите дозволи, но само за транспорт на материјали. По низа технички и безбедносни модификации, на 29 јуни 1908 година неговата жичница конечно добила официјално одобрение за превоз на патници. Така, жичницата „Бозен - Колерн“ (funivia Bolzano Colle) станала првата планинска жичница во светот наменета за превоз на патници.

Првите кабини биле дрвени, лесни - едната тежела само 195 килограми и била изненадувачки безбедна. Во првите две години жичницата превезувала повеќе од сто илјади љубопитни патници, без ниту една несреќа. Сепак, неколку години подоцна, стапиле во сила нови прописи и жичницата била затворена заради реновирање.


Втората жичница, која го поврзува Колерн со Болцано, била официјално отворена во мај 1913 година и набрзо станала модел за меѓународните безбедносни прописи за жичници. За време на Првата светска војна повеќе не превезувала патници, туку останала во функција и превезувала товар, а за време на Втората светска војна нејзината долна станица била оштетена и била принудно запрена.

Дури во 1965 година Болцано доби нова, трета жичница до Колерн, која, со паузи за модернизација и разубавување, работи и денес. Жичницата тргнува од Болцано на секои петнаесет минути, освен во недели и на државни празници, а цената на еднонасочно возење е 4 евра. Патувањето до алпските височини од градот се памети по спектакуларниот поглед на планинските врвови и Болцано, а на горната станица ќе ве пречека оригиналната кабина од 1908 година.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: Instagram screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот