Светот станува сè понестабилно место, а најновиот извештај на Светскиот економски форум носи мрачна прогноза за годините што доаѓаат. Извештајот за глобален ризик 2025 предупредува дека меѓународните конфликти, еколошките катастрофи и социјалните нееднаквости се меѓу најголемите закани за иднината, а меѓународната соработка е клучна за спречување глобална криза.
Најголемите закани во 2025 година
Веќе две децении Светскиот економски форум објавува годишен извештај за најголемите глобални ризици, а овогодишните податоци се базираат на анкетата за перцепција на глобалните ризици, во која учествувале повеќе од 900 експерти од академската заедница, бизнис-секторот, владите и граѓанското општество.
Извештајот дефинира глобални ризици како настани или услови што можат сериозно да го загрозат светскиот БДП, населението или природните ресурси. Оваа година се издвоени пет главни категории на ризици:
- Еколошки ризици – климатски промени, природни катастрофи и загадување;
- Геополитички закани – војни, социјални немири, сајбер-војување;
- Општествени предизвици – пандемии, нееднаквост, прекршување на човековите права;
- Технолошки ризици – развој на вештачка интелигенција, сајбер-напади;
- Економски проблеми – инфлација, рецесија, недостиг на работна сила;
Најголемиот краткорочен ризик за 2025 година, според извештајот, е вооружен судир меѓу државите. Оваа закана е на врвот на листата, што не е изненадување со оглед на тековните конфликти во Украина, Палестина, Судан и други делови од светот. Речиси 25 отсто од анкетираните сметаат дека токму војната би можела да предизвика глобална катастрофа во блиска иднина.
Загрижувачки е фактот што геополитичките тензии не се ограничени само на класични војни – сè поголеми закани претставуваат дезинформациите, сајбер-нападите и економските конфронтации.
- Растечките геополитички тензии и загубата на довербата го обликуваат глобалниот ризик - изјави Мирек Душек, извршен директор на Светскиот економски форум.
Долгорочни закани: Екстремни временски услови и еколошка катастрофа
Иако вооружените конфликти се најголемиот краткорочен ризик, најсериозната закана за следните десет години се екстремните временски услови, засилени од климатските промени.
Според извештајот, во првите 10 најголеми долгорочни ризици спаѓаат:
- Екстремни временски услови;
- Губење на биодиверзитетот и колапс на екосистемите;
- Критични промени во екосистемите на Земјата;
- Недостиг на природни ресурси;
Загадување на животната средина
Овие податоци ја потврдуваат сè поголемата загриженост за глобалните екосистеми, додека природните катастрофи и климатските промени стануваат неизбежни предизвици со потенцијално разорни последици.
Дали постои решение?
Според извештајот, дури 90 отсто од анкетираните очекуваат следните две години да бидат обележани со нестабилност, превирања и глобални кризи.
Сепак, извештајот не нуди само мрачни прогнози – решението лежи во меѓународната соработка и обновата на довербата меѓу државите.
- Од конфликти до климатски промени, се соочуваме со меѓусебно поврзани кризи што бараат координирана и заедничка акција. Последиците од недејствувањето ќе се чувствуваат со генерации - вели Марк Елснер, раководител на Глобалната иницијатива за ризици при Светскиот економски форум.
Светот на раскрсница
Извештајот на Светскиот економски форум јасно предупредува дека војните, климатските промени и социјалните нееднаквости се универзални проблеми што не можат да се игнорираат. Доколку меѓународната заедница не најде начин да ги намали конфликтите и да ја заштити животната средина, иднината ќе биде обележана со уште поголеми нестабилности.
Ќе успее ли светот да излезе од оваа криза или нè очекуваат години на конфликти и еколошки катастрофи? Одговорот зависи од подготвеноста за глобална соработка бидејќи – како што истакнува извештајот – заедничките предизвици бараат заеднички решенија.
Извор:
Klik.hr
Фото: Pexels