X
 22.07.2020 Живот

„Златен пасош“ за богатите: Кој и зошто продава државјанство со попуст?

Земјите на Карибите, кои претрпеа огромни загуби во туризмот поради пандемијата на коронавирусот, организираа продажба на „златни пасоши“. Тие даваат државјанство во замена за инвестиции, а сега цената е многу пониска.

Среде пандемијата, побарувачката е двојно зголемена, велат експертите за инвестициска имиграција. Кому му требаат вакви услуги, зошто и колку чинат?

Туризмот го нема


Уште во март аналитичарите предупредија дека епидемијата ќе ги „шокира“ карипските држави поради структурата на економијата и високата зависност од приходите на туристичките индустрии. На пример, на Бахамите, Барбадос и Јамајка придонесот на туризмот за БДП е од 43 до 48 отсто.

Според процените на Светската банка и Светскиот совет за туризам и патувања, најнегативното сценарио, имајќи ги предвид ризиците од вториот бран, претпоставува дека приливот на туристи ќе се намали за 75 отсто до крајот на годината.

Ова значи дека БДП на Бахамите ќе се намали за четвртина. Според првичните процени, падот на туристичката индустрија ќе ги чини карипските земји 44 милијарди долари. За споредба: минатата година туризмот му донел на регионот речиси 59 милијарди долари.

Неопходно е да се бараат можности за дополнително финансирање, посочуваат економистите.

pasosh
Фото: Pixabay

Големи попусти


Губејќи клучен извор од приходите, островските држави се обидуваат да ги наполнат државните каси нудејќи државјанства во замена за инвестиции, познати како „златни пасоши“. Во повеќето карипски земји се воспоставени соодветни програми за богати странци. Сега оваа услуга е значително поевтина.

На пример, до крајот на годината Света Луција двојно ја намали потребната граница за инвестиција: на 250.000 долари по личност или 300.000 долари за четиричлено семејство.

Свети Китс и Невис ја намалија цената за една четвртина. Како дел од „специјалната понуда“ што важи до крајот на годината, државјанството на четиричлено семејство ќе чини 150.000 долари, а парите треба да се уплатат во локалниот Фонд за одржлив развој.

Во соседните земји, Гренада и Доминика, цената е уште пониска: 100.000.

- Сега кога туризмот стагнира, треба да најдеме други извори на приход за поддршка на економијата - објаснува Лес Хан, шеф на одделот за државјанство за инвестиции во Свети Китс и Невис.

Кога границите се затворени насекаде, странскиот пасош е можеби единствениот начин за патување низ светот. Државјанството на Карибите овозможува безвизно патување во стотици земји, вклучително и Велика Британија и Италија.

Покрај тоа, оние што добиваат пасоши од карипските земји не мораат да ги напуштат своите домови, посочуваат експертите. Тоа е разликата во однос на европските земји како Малта и Кипар каде што, меѓу другото, инвестициите се многу поголеми.

Така, државјанството на Малта и Кипар чини еден или два милиона евра, а луѓето мора да живеат во овие земји. Според тоа, веројатно бројот на барања кај нив нагло ќе се намали.

Портрет на инвеститорите

Според податоците на компанијата „Хенли енд партнерс“, која се занимава со инвестициски имиграции, побарувачката за друго државјанство се зголеми за 42 отсто во првите три месеци од оваа година. Според информациите од властите на островските држави, главните подносители на барања за „златни“ карипски пасоши се жителите на Кина и Блискиот Исток. Ни Русите не заостануваат.

Директорката за развој во „Имигрант инвест“, Јелена Рудаја, истакнува дека двојно се зголемил бројот на барања од јануари. Пред сè, Русите се заинтересирани за шенгенските земји и Велика Британија.

Типичен портрет на инвеститор: претприемач со богатство од два до десет милиони долари.

- Богатите бизнисмени, кои не планираат да ја напуштат Русија, сакаат да го решат прашањето со визата со помош на друг пасош. Една од клучните задачи е можноста за водење бизнис во други јурисдикции каде што има ограничувања за Русите, на пример, Хонг Конг. Тоа вклучува регистрација на компании, трговски марки и права на сопственост - објаснува Рудаја.

Според Олег Лемешко, меѓународен адвокат на компанијата „Елма глобал“, „златниот пасош“ во голема мера ја олеснува интеракцијата со банките. Поради санкциите, многу имаат предрасуди за Русите: без објаснување одбиваат да им отворат сметка.

За разлика од шенген-визата, таков документ не може да се добие за неколку дена.

- Најбрзата опција е државјанство на државата Вануату, постапката трае околу еден и пол месец - објави „Имигрант инвест“. На Карибите, земајќи го предвид собирањето на документите, процесот ќе трае од четири до шест месеци.

Експертите очекуваат бум на овој пазар, слично на она што се случи во 2008-2009 година, во екот на глобалната финансиска криза.

Извор: Sputniknews.com
Фото: Freepik.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот