X
 12.02.2026 Живот

„ВИ златна треска“ - технолошките компании воведуваат работна недела од 72 часа

На една веб-страница за вработување доминираат мотивирачки пораки и опис на работна атмосфера насочена кон брзина, љубопитност и целосна посветеност на клиентите. Се нудат и низа погодности: висока плата, бесплатни оброци, членство во фитнес-клуб, како и здравствено и стоматолошко осигурување. Но веднаш потоа следува јасна напомена: - Ве молиме да не аплицирате доколку не ве привлекува работа од околу 70 часа неделно заедно со едни од најамбициозните луѓе во Њујорк.

Веб-страницата ѝ припаѓа на компанијата „Рила“, технолошка фирма од Њујорк која развива ВИ-системи што им овозможуваат на работодавците да ги следат работниците на терен додека комуницираат со клиентите.

Компанијата стана симбол на брзо и интензивно работно темпо, познато како култура „996“, понекогаш нарекувана и „култура на непрекинато работење и исцрпувачко темпо“.

Во суштина, тоа подразбира работно време од 9 до 21 часот, шест дена во неделата (оттука и „996“). За повеќето луѓе тоа би било исцрпувачко. Но според Вил Гао, раководител на одделот за раст во „Рила“, на вработените не им изгледа така.

- Бараме луѓе слични на олимписки спортисти, со опсесија и бескрајна амбиција. Тоа се луѓе што сакаат да прават неверојатни работи и притоа да се забавуваат - вели тој и додава дека иако работното време е долго, структурата на работа не е ригидна.

- Ако имам одлична идеја на која работам, работам до 2 или 3 наутро, а следниот ден доаѓам околу пладне - објаснува тој.

Ваквиот пристап станува сè попопуларен во технолошкиот сектор во последниве години, и тоа со причина. Развојот на вештачката интелигенција се одвива со молскавична брзина, а компаниите низ светот работат со полна пареа за да ги развијат и монетизираат своите идеи. Брзината е клучна, а работниците во секторот се под притисок да работат подолго и поинтензивно за брзо да постигнат резултати.

За културата 996

Културата 996 првпат се појави во Кина пред околу една деценија. Технолошките компании и стартапите ја прифатија во време кога земјата се обидуваше да стане глобален лидер во напредни технологии. Меѓу нејзините поддржувачи беше и Џек Ма, милијардер и основач на „Алибаба“.

Сепак, ваквите ставови предизвикаа бран критики: компаниите беа обвинувани за кршење на законите за работни односи и неплаќање прекувремена работа, а работниците беа принудени на прекумерен труд. До 2021 година критиките станаа толку гласни, што властите не можеа да ги игнорираат, па тоа доведе до законска интервенција. Иако културата 996 во Кина не исчезна, нејзините поддржувачи денес се многу потивки.

Сепак, културата 996 има приврзаници и на други места. Минатата година Нарајана Мурти, основач на индискиот софтверски гигант „Инфосис“, со восхит зборуваше за кинескиот пристап 996, истакнувајќи дека ниедна индивидуа, ниедна заедница, ниедна држава не напредувала без напорна работа.

„Златната треска“ на ВИ


Зошто американската технолошка индустрија го прифати овој тренд? Клучен фактор е забрзаниот развој на вештачката интелигенција.

- Станува збор за ВИ-компании, пред сè. Тоа се стартапи финансирани од ризичен капитал, во трка се да развијат производи и да ги пласираат пред конкуренцијата. Тоа ги наведува на идејата дека ако работат подолго, ќе победат - објаснува Адријан Кинерсли, кој води регрутациски фирми во Европа и во Северна Америка.

Сепак, некои експерти предупредуваат дека долгата работна недела не значи и продуктивност. Диди Дас, партнер во инвестициската фирма „Менло Венчрс“, смета дека младите основачи често грешат инсистирајќи на стилот 996.

- Многумина мислат дека бројот на часови е доволен за да се сметаат за продуктивни и тука лежи заблудата - вели Дас.

Сепак, за самите основачи правилата се поинакви: тие, со удел во компанијата и потенцијална добивка, работат 70-80 часа неделно, што инвеститорите често го гледаат како знак на сериозност и посветеност. Тамара Мајлс, академик и авторка за култура на работното место, истакнува дека „културата на непрекинато работење“ не е одржлива, особено ако луѓето чувствуваат притисок постојано да работат, но признава дека во практика постојат и сиви зони.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот