X
 12.03.2019 Наука

Решението на Јужна Кореја на проблемот со загадувањето

Загадувањето на воздухот во Јужна Кореја достигна алармантни размери, така што јужнокорејскиот претседател Мун Је-ин предлага заеднички проект со Кина - користење вештачки дожд.

Во главниот град Сеул луѓето сè почесто мора да носат маски на лицето поради загадувањето. Најголемите причинители на овој проблем се старите електрани на јаглен и загадувањето предизвикано од автомобилите, а голем дел од загадувањето доаѓа од соседна Кина. Но, Кинезите не се согласуваат со тоа бидејќи нивото на смог е поголемо во Сеул во споредба со Пекинг.

- Сите сме свесни дека причинителите на овој проблем се комплицирани - велат од министерството за надворешни работи на Кина.

Како и да е, решение мора да се пронајде. Јужна Кореја ќе го забрза затворањето на своите електрани на јаглен, ќе постави уреди за прочистување на воздухот во училиштата, а една од идеите е и создавање вештачки дожд што ќе помогне да се намалат смогот и загадувањето. Но, за ова ќе ѝ биде потребна помош од Кина затоа што експериментот на Јужна Кореја за создавање вештачки дожд не бил успешен.

- Кина тврди дека прашината на Јужна Кореја оди кон Шангај, така што создавањето вештачки дожд над Жолтото Море ќе ѝ помогне и на Кина - изјави портпаролот на владата на Јужна Кореја.

Кина со години успешно користи методи за создавање вештачки дожд со кој се бори против загадувањето и сушите. Кореја сака да ги искористи знаењето и искуството на Кина како помош во борбата против слични проблеми. Така, Јужна Кореја и Кина размислуваат да воспостават заеднички систем за известување за зголемување на загаденоста во воздухот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука