X
 12.03.2023 Живот

Најнов тренд во велнес-индустријата - пливање во дивината

Можеби не им се допаѓа на сите, но љубителите на авантурата и велнесот уживаат во оваа необична активност. Токму затоа, скокањето во океан, студено езеро или во езерце е сè попопуларно.

- Пливање во отворено море и нуркање во океан во зима се активности кои претходно ги претпочитаа само сериозните спортисти. Сега гледаме дека и бабите го прават тоа, но исто така и луѓе од сите возрасти и со различна физичка форма - вели Џејн Кичен, уредничка на „Спа бизнис“, за време на Светскиот самит за велнес.

Таканареченото диво пливање првпат стана популарно во Велика Британија, особено за време на пандемијата, кога стана еден вид национална забава. Сега, овој тренд се шири и во други земји.

Луѓето што ја пробале оваа необична активност тврдат дека пливањето во дивината има одредени здравствени придобивки -  ослободување на ендорфин, ублажување на болките во мускулите и зглобовите и стимулирање на протокот на крв.


- Кога започна пандемијата, луѓето беа очајни да се поврзат со другите. Дури и кога почнаа да се отвораат базените и спортските сали, пливањето во студена вода остана привлечно за луѓето, како начин да вежбаат и да се запознаат со другите, но и да откријат дека адреналинот помага - рече Сијан Ричардсон, основач на заедница во Велика Британија насочена на промовирање на оваа активност.

Компанијата на Сијан се здружила со британски туристички оператор, па на авантуристите им се нудат повеќедневни одмори во дивината. Сијан истакнува дека побарувачката за вакви тури е голема и дека се резервирани во рок од една недела откако ќе се објават.


На оваа интересна идеја се приклучуваат и многу хотели и други сместувачки капацитети. На пример, во Шкотска постои луксузен хотел кој на посетителите им нуди можност за користење „див базен“, чија вода доаѓа од извор.

Како што објаснува Ричарсон, заедницата на почетокот имала околу 20.000 члена, а за време на пандемијата доживеала вистинска експанзија, така што сега има повеќе од 100.000 члена од целиот свет.

Извор: b92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот