X
 12.03.2026 Живот

Туризмот губи 515 милиони евра дневно: Како војната во Иран го погодува Блискиот Исток

Поради регионалниот конфликт помеѓу САД, Израел и Иран, туристичката индустрија на Блискиот Исток губи околу 515 милиони евра дневно.

Процената се базира на предвидувањата на Светскиот совет за патувања и туризам за 2026 година, кои пред избувнувањето на војната предвидуваа 178 милијарди евра од меѓународен туризам во регионот.

Аеродромите во Абу Даби, Дубаи, Доха и во Бахреин, низ кои вообичаено дневно поминуваат околу 526.000 патници, бележат драматичен пад на сообраќајот бидејќи затворањето на воздушниот простор приземји многу летови. Иако многу од тие патници само транзитираат, Блискиот Исток сочинува 14 отсто од глобалниот транзитен сообраќај, како клучна врска меѓу Европа, Азија и Африка. Регионот воедно остварува и 5 отсто од сите глобални меѓународни пристигнувања.

Многу авиокомпании моментално извршуваат само мал дел од вообичаениот ред на летање. Анализа на „Флајтрејдар24“ покажува дека на 24 февруари компаниите „Емирејтс“, „Етијад ервејс“ и „Катар ервејс“ имале 527, 325 и 563 лета. До 10 март тие бројки паднале на 309, 56 и 66 лета.

Бројот на туристи може да се намали за 30 милиони

Се чини дека растечките тензии ќе го запрат неодамнешниот туристички бум на Блискиот Исток и во земјите од Заливот, но останува да се види дали тој застој ќе биде привремен или долготраен.

Ибрахим Калед, директор за маркетинг во Мрежата на туристички компании од Блискиот Исток, вели дека регионот бележел постојан раст.

- Од година на година имаме стабилен пораст на бројот на посетители, особено поради новите инвестиции во туризмот низ целиот регион. Саудиска Арабија моментално има околу 10 отсто од туристичкиот пазар, но расте неверојатно брзо откако во 2019 година се отвори за туризам. Тоа е дефинитивно нашата највозбудлива нова дестинација - истакна тој. Сепак, настаните во последните две недели го запреле тој раст.

- За жал, за дестинациите кои владите на САД и Обединетото Кралство ги ставија на листата со забранети или на листата со зони со забрана за летање забележавме голем број откажувања. Летовите се нарушени, а патувањата во тие подрачја практично застанаа - рече Калед.

Извештајот на компанијата „Туризам економикс“ носи слични прогнози.

- Проценуваме дека бројот на пристигнувања на Блискиот Исток во 2026 година поради конфликтот може да се намали за 11 до 27 отсто на годишно ниво, во споредба со нашата декемвриска прогноза која предвидуваше раст од 13 отсто - велат Хелен Мекдермот, директорка за глобални прогнози, и Џеси Смит, виша економистка.

Земјите од Заливот најпогодени

Според „Туризм економикс“, земјите од Советот за соработка на земјите од Заливот ќе претрпат најголеми загуби во бројот на туристи бидејќи токму тие се најголемите дестинации во регионот кои досега се потпираа на перцепцијата за безбедност и стабилност.

ОАЕ и Саудиска Арабија се особено чувствителни поради големиот број меѓународни посетители и силната зависност од воздушната поврзаност.

Во извештајот се наведува дека воздушниот сообраќај е повеќе погоден од падот на побарувачката отколку копнениот транспорт.

И покрај сериозноста на ситуацијата, експертите од туристичката индустрија сметаат дека долгорочните последици можеби нема да бидат драматични.

- Не сме загрижени за долгорочното влијание врз бизнисот или туризмот во регионот. Блискиот Исток отсекогаш бил исклучително отпорен пазар и побарувачката брзо се враќа штом ситуацијата се стабилизира - вели Калед.

Според Светскиот совет за патувања и туризам, кој го претставува приватниот сектор во индустријата, закрепнувањето би можело да се случи за само два месеца.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот