X
 12.04.2018 Наука

Микроскопски колонизатори живеат во нашето тело

Човечките клетки зафаќаат само 43 проценти од вкупниот број клетки кај човекот. Другите се микроскопски колонизатори, велат научниците.

Разбирањето на нашата скриена половина, нашиот микробиом, е клучно за разбирањето на низа болести, од алергии, па сè до Паркинсонова болест.

„Тие се неопходен дел од нашето здравје“, вели професорката Рут Леј, директорка на одделот за микробиомски науки на Институтот „Макс Планк“. „Вашето тело не го сочинувате само вие“.

Без оглед колку темелно се миете, секој агол, секоја пукнатинка од вашето тело е прекриена со микроскопски битија.

Тоа вклучува бактерии, вируси, габички и археи (организми што некогаш погрешно ги класифицирале како бактерии).

Најголемата концентрација на нашиот микробиолошки живот се наоѓа во темните длабочини на нашите црева, кои се лишени од кислород.

„Ние сме повеќе микроби отколку луѓе“, изјави за Би-би-си професорот Роб Најт од Универзитетот во Сан Диего.

Процените за големината на уделот на микробите во нашиот организам се менувале со текот на времето. „Денес се проценува дека размерот е приближно еден спрема еден, односно дека човечките клетки учествуваат со 43 проценти во вкупниот број клетки во организмот“, додава Најт.

Меѓутоа, генетички сме целосно инфериорни.

Човечкиот геном е составен од 20.000 гени. Но ако на тоа се додадат и гените од нашиот микробиомски свет, таа бројка достигнува меѓу 2 и 20 милиони микробиомски гени.

„Она што нè прави луѓе, според мое мислење, е комбинацијата на нашата ДНК плус ДНК на нашите микроби“, истакна микробиологот Саркис Мазманиан од калифорнискиот технолошки институт за Би-би-си.

Би било наивно да се смета дека луѓето носат толку микробиомски материјал во себе без каква било интеракција или влијание врз нашето здравје.

Науката забрзано проучува во колкава мера тие имаат улога во нашиот дигестивен и имунолошки систем, заштитата од болести и производството на витамини.

Тоа е новиот начин на размислување за човечкиот микробиомски свет. До неодамна нашиот однос со микробите главно се сведуваше на војување.

Антибиотиците и вакцините се човечкото оружје против оние што предизвикуваат сипаници, микробактериска туберколоза или против отпорните стафилококи.

Тие спасиле голем број човечки животи.

Но, научниците се загрижени за штетата што може да ја направи човечкиот напад на „лошите момчиња“ врз нашите „добри бактерии“.

„Во последните 50 години остваривме одлична работа во елиминирањето на заразните болести“, вели професорката Леј. „Но затоа сведочиме на големо зголемување на автоимуни болести и алергии“, додава таа.

„Тоа е последица на успехот во нашата борба со патогените, но истовремено придонесовме и за развој на нов сет болести со кои сега мораме да се справиме“, потенцира Леј.

Микробиомите, меѓу другото, се поврзуваат и со воспалителни болести на цревата, Паркинсоновата болест, а можеби и со депресијата и аутизмот.

Научниците работат на тоа микробите да ги претворат во нова форма на лекови.

Професорот Тревор Ловли од британскиот Институт за геномика и генетика е еден од оние што се обидуваат да создадат микробиом на здрави луѓе кој ќе се користи за лекување пациенти.

„Има сè повеќе докази дека ’поправката‘ на нечиј микробиом може да доведе до ремисија на болести како улцерозниот колитис“, истакнал Ловли.

Микробиомската медицина е во развој, но научниците сметаат дека надгледувањето на човечкиот микробиом наскоро ќе стане секојдневна активност која ќе може да обезбеди „златни“ информации за нашето здравје.

Фото: Freepik
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука