X
 17.11.2017 Наука

Науката докажа: амишите мутирале, затоа живеат подолго

Новото американско истражување покажа дека мутацијата што е откриена кај амишите им го продолжува животниот век на припадниците на оваа изолирана заедница за десетина години повеќе од просекот.

Се установило дека лицата со една нефункционална копија на генот СЕРПИНЕ1 живеат во просек 10 години подолго од другите членови на амишката заедница.

Студијата била спроведена меѓу амишите што живеат во американската држава Индијана и не користат средства на модерното општество, како електрична енергија, автомобили и лекови.

Познато е дека амишите важат за вонредно здрава нација. Алергии кај децата речиси не постојат. Во повеќегодишното истражување на амишките деца научниците констатирале само три случаи на аутизам. Во нивните села многу се ретки болестите на современата цивилизација, како дијабетес, рак или срцеви заболувања.

„Општо земено, амишите не ги користат предностите на модерната медицина, па фактот дека живеат во просек по 85 години е многу интересен“, истакнал кардиологот Даглас Вонан, кој ги објавил резултатите од истражувањето во списанието Science Advances.

Од 177 тестирани амиши кај 43 била најдена споменатата мутација.

За научниците, стареењето е еден од најголемите биолошки предизвици, па откривањето на мутацијата што има толку силно влијание врз должината на човечкиот век е многу интересно.

„Вонредно голем е предизвикот да се откриваат генски предиспозиции за продолжување на животниот век“, смета доктор Вонан.

Стареењето е проследено со низа негативни симптоми, а оваа мутација решава многу од нив: од заштита од дијабетес до одржување на еластичноста на крвните садови.

„Откривме нешто што се чини дека влијае врз нивото на молекули, хормони, еластичноста на ткивата и со во краен резултат – продолжување на животниот век кај амишите“, заклучува тој.

Мутацијата резултира со подолги теломери – ситни делови од  ДНК кои влијаат врз здравјето и долговечноста на поединецот. Изгледаат како заштитни капчиња на крајот на хромозомите и одредуваат колку брзо ќе стареат клетките, во која мера сме склони кон мозочен удар или развој на рак, кардиоваскуларни болести, дебелина, васкуларна деменција, дијабетес и остеопороза.

Колку што се пократки теломерите, толку е пократок животниот век.

Живеењето на амишите во затворени заедници им овозможува да се зачувува генот СЕРПИНЕ1, истакнува доктор Вонан и додава дека ова откритие е особено добра платформа за натамошни истражувања во оваа област.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука