X
 12.05.2025 Живот

Најевтините дестинации за летен одмор во Европа годинава

Сонувате летово да одите на некои сончеви плажи во Европа? Не сте единствени. Но, високите цени во познатите летувалишта лесно може да ви ги спречат плановите. Наоѓањето на совршениот спој на прекрасни плажи, сончево време и пристапни цени често изгледа како потрага по богатство, но добрата вест е дека тоа навистина постои.

Според „Травел оф пат“, има три дестинации во Европа што се најисплатливи за летување годинава. Тие не се повикуваат само на еден извештај. Тимот спровел голема aнализа споредувајќи ги цените за сместување, дневните трошоци за храна и пијалаци, локалниот превоз и основните активности во популарните сончеви дестинации низ Европа. Сето тоа го вкрстиле со критериумите за привлечност: преубави и лесно достапни плажи, загарантирано убаво време, безбедност, позитивни впечатоци на патниците и непроценливо чувство на вистински одмор. Целта била да се најдат три места каде што се добива максимум за парите.

Ова се нивните три дестинации:

Алгарве, Португалија

Да, често се споменува, но со причина. Анализата потврдува дека Алгарве и годинава е шампион во соодносот цена-квалитет.

Зошто е евтино: Дневните трошоци се значително пониски отколку на други медитерански дестинации. Вечера за двајца со вино чини околу 50 евра, локалното пиво и кафето се неколку евра, а сместувањето покрај брегот не бара да продадете куќа. Гостилниците, апартманите и едноставните хотели може да се најдат од 50 до 80 евра за ноќевање, што е исклучителна вредност на самиот брег.

Зошто е привлечно: Повеќе од 300 сончеви дена годишно и над 150 песочни плажи. Златните карпи се среќаваат со тиркизното море, морските пештери повикуваат на истражување, а градовите нудат историја, храна и атмосфера. Безбедно е, туристички развиено и едноставно прекрасно.



Сончев Брег, Бугарија

Ако приоритет ви се ниските цени, а не сакате да се откажете од вистинската летна атмосфера, тогаш познатиот Сончев Брег ви е полн погодок.

Зошто е евтино: Ова место е познато по ниските цени. Пивото, пијалаците и брзите оброци често чинат под 2 евра. Сместувањето е исклучително пристапно, многу хотели од среден ранг нудат соби од 40 до 60 евра за ноќ, а често има и аранжмани со вклучени оброци.

Зошто е привлечно: Огромна плажа долга 8 километри со сино знаменце, која е идеална за сончање и пливање. Црното Море обично е мирно. Местото е познато по ноќниот живот, многуте барови, ресторани, водни спортови и фамилијарни активности. Во близина е древниот град Несебар, кој е совршен за дневен излет.



Коста дел Сол, Шпанија

Третото место го зазема вечно популарниот шпански „брег на сонцето“. Можеби не е толку евтино како во Бугарија, но нуди одличен баланс меѓу цените и квалитетот, со разновидни содржини.

Зошто е евтино: Иако не е џабе, нуди подобар однос цена-услуга од многу дестинации како Азурниот Брег, Италија или Грција. Достапни се дневни менија и пристојни цени во маркетите, а квалитетното сместување од средна класа (хотели, апартмани) чини околу 100 евра за ноќ, особено ако резервирате надвор од сезона.

Зошто е привлечно: Името кажува сѐ - сонцето е речиси загарантирано. Има многу плажи, уредени и приспособени за сечиј вкус. Надвор од нив можете да ги истражите шармантните андалузиски села, уметноста и историјата на Малага, врвниот голф и разновидниот ноќен живот.


Извор: Travel off Path
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот