X
 12.06.2022 Живот

Колку пријатели ни се навистина потребни?

Развојот на економијата, технологијата и промената на начинот на живот ги диктираат бројот, видот и квалитетот на односите што ги градиме со луѓето, а тој тренд не оди во добра насока.

Идеалниот број на блиски пријатели е филозофска дилема, генерациско прашање, работа на лични особини и преференции, но и практично прашање на брзото секојдневие во кое едвај се стигнува да се извршат сите обврски, а времето за пријателите претставува чист луксуз.

Со појавата на социјалните мрежи, виртуелната реалност и вештачката интелигенција, ова прашање доби дополнителна димензија - добивме симулација на реалноста, а губењето на вистинската блискост со потесниот круг на пријатели го компензираме со површни односи со нереално голем број онлајн пријатели.

Пандемијата уште повеќе поттикна интровертност, насоченост кон себеси и кон семејството. Глобално, особено во поголемите градови од Западот, социјалните кругови беа намалени уште пред пандемијата. Развојот на економијата, технологијата и промената на начинот на живот ги диктираат бројот, видот и квалитетот на односите што ги градиме со луѓето, а тој тренд не оди во добра насока.

Зошто ни се потребни вистински, блиски пријатели и кој е идеалниот број?


Ако сте изгубиле контакт со повеќето ваши пријатели, тоа може да остави здравствени последици. Пријателството е важен фактор за благосостојба, додека осаменоста и социјалната изолација може да бидат поврзани со зголемен ризик за состојби како депресија или срцеви болести и мозочни удари.

Често цитирана анализа од 2010 година, водена од Џулиен Холт-Лунтшад, професорка по психологија и невронаука на Универзитетот „Бригам Јанг“ во Јута, заклучи дека осаменоста е еднакво штетна за физичкото здравје како и пушењето 15 цигари дневно.

- Тоа е природно прашање. Баш како што имаме насоки и препораки за потребната количина на сон и за физичката активност, и прашањето за пријателите е важно за здравјето - изјави таа.

Нема многу истражувања што се занимаваат со прашањето колку пријатели треба да имаат луѓето, а оние што биле спроведени велат дека оптималниот број е помеѓу 3 и 6 блиски пријатели.

Ако вашата цел е едноставно да го намалите влијанието на осаменоста врз вашето здравје, најважно е да имате барем една важна личност во вашиот живот - без оглед дали тоа е партнер, родител, пријатели или некој друг, вели Џефри Хол, професор по комуниколошки студии на Универзитетот во Канзас.

пријатели
Фото: Freepik

- Преминувањето од нула на еден пријател е она што прави најголема разлика. Но, ако сакате да имате исполнет живот, во кој ќе се чувствувате поврзани со другите, подобро е да имате повеќе пријатели - вели д-р Хол.

Најпознатата теорија за тоа колку пријатели можат да имаат луѓето доаѓа од британскиот психолог и антрополог Робин Данбар. Позната како Данбаров број, оваа теорија тврди дека луѓето се когнитивно способни да одржуваат околу 150 врски одеднаш. Тоа подразбира потесен круг од околу пет блиски пријатели, а надвор од тоа се концентрични кругови на површни познанства.

Слични се и другите процени. Една студија од 2016 година сугерираше дека луѓето со шест или повеќе пријатели го подобруваат своето здравје во текот на животот, додека студијата од 2020 година на Сузан Дегес-Вајт, професорка и претседател на Одделот за советување и високо образование на Универзитетот во Северен Илиноис, покажа дека жените што имаат три или повеќе пријатели обично имаат повисоко ниво на целокупно задоволство од животот.

Д-р Дегес-Вајт неодамна спроведе студија на 297 возрасни лица, која не беше објавена или прегледана, но откри дека 55 отсто од учесниците веруваат дека двајца до тројца блиски пријатели е идеален број, додека 31 отсто мислеле дека целта е да имаат од четири до шест пријатели.

Но, вистински предизвик е да се проучува сето ова бидејќи пријателството и интимноста се субјективни, а не постои универзална скала што истражувачите ја користат за дефинирање на тие концепти низ студиите. Блискоста може да биде неодредена. Д-р Хегес-Вајт, кој спровел истражување на 297 возрасни луѓе, вели дека во одредена мера можете да се водите според овој критериум: - Во вашето срце ја знаете разликата.

Како да знаете дали ви се потребни повеќе пријатели?


Иако истражувањето за пријателството нуди некаква одредница, за повеќето од нас може да биде корисно едноставно малку да ја истражуваме душата.

Добро би било да започнете со најочигледното прашање: Дали се чувствувам осамен - вели Мариса Франко, психолог и авторка.

- Осаменоста е еден вид сигнален или алармен систем - вели д-р Франко. Секој се чувствува осамен одвреме-навреме, но ова е подлабоко прашање дали редовно се чувствувате изоставен или изолиран.

- Различни луѓе истакнуваат различни делови од нас. Така, кога имате поголема група пријатели, можете да доживеете страна од себеси која сака голф, друга страна од себеси која сака автомобили и трета која сака цвеќиња - вели д-р Франко.

Важно е и времето што го поминувате со вашите пријатели. Истражувањето на д-р Хол сугерира дека во просек се потребни околу 200 часа за да се развијат многу блиски пријателства. Квантитетот и квалитетот одат рака под рака.

Д-р Хол додава дека наоѓањето три до шест пријатели „не е магичен број“ за секого.

- Вашата личност и карактеристиките на вашиот живот ќе направат разлика - вели тој.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот