X
 12.06.2022 Живот

Што му се случува на нашето тело кога сме осамени?

Човекот е социјално суштество. Нашиот вид еволуирал преку соработка, велат истражувачите.

Сепак, многу луѓе се ранливи по социјална изолација, особено по пандемијата. Осаменоста стана глобална пандемија и покрај тоа што има многу начини за комуникација со другите луѓе. Нашата потреба за контакт е можеби поголема од кога било.

Осаменоста може да влијае врз менталното и физичкото здравје на различни начини. Луѓето што се осамени имаат поголем ризик од срцеви заболувања, дебелина, лош имунолошки систем, па дури и смрт. Живеењето сам или изолиран може да биде исто толку штетно за нас како и пушењето цигари. Од друга страна, поттикнувањето значајни социјални мрежи и чувството за заедница може да им помогне на луѓето да ја одржуваат својата благосостојба.

Во продолжение се дадени неколку работи што му се случуваат на вашето тело кога се чувствувате осамени.

Станувате почувствителни на студ

Кој би рекол дека им врска помеѓу осаменоста и чувството на студ? Интересно е тоа што луѓето кои се чувствуваат како да се социјално исклучени доживуваат пад на телесната температура. Во студија објавена во списанието „Акта психологика“ учесниците учествувале во компјутерски генерирана игра со фрлање топка додека истражувачите ја мереле нивната температура. Топката им била фрлена на одредени играчи, што значело дека некои поединци биле изоставени. Истражувачите откриле дека температурата на телото на исклучениот учесник во просек опаднала за 0,378 степени.

Било сугерирано дека тоа може да се должи на ефектите на социјалната исклученост врз автономниот нервен систем: кога луѓето се чувствуваат осамени и игнорирани, доживуваат вазоконстрикција - момент кога мускулите се стегаат.

Мозокот ослободува кортизол

Кога се чувствувате осамени, вашиот мозок предизвикува ослободување на хормонот на стрес наречен кортизол. Ова го става вашето тело во режим „бори се или бегај“, активирајќи го вашиот нервен систем: вашите мускули се напнати, варењето се забавува, а крвниот притисок и отчукувањата на срцето се зголемуваат. Луѓето што се хронично осамени имаат покачени нивоа на кортизол наутро и навечер. Ова може да предизвика различни несакани ефекти, вклучувајќи хипертензија, лошо дигестивно здравје, зголемен апетит и намалување на расположението.

Се нарушува сонот


Со оглед на тоа што осаменоста може да го зголеми нивото на кортизол, не е изненадувачки што луѓето кои се осамени имаат проблеми со спиењето. Истражувањата покажуваат дека лицата со силни моментални чувства или секојдневни искуства на осаменост имаат високи нивоа на кортизол при будењето и спиењето. Хроничната изложеност на кортизол во текот на денот го одржува вашиот мозок во зголемена состојба на возбуда. Ова може да ве држи будни ноќе и да ве спречи да заспиете.

osamenost
Фото: Freepik

Страдаат когнитивните способности

Луѓето што се социјално изолирани и се чувствуваат осамени генерално имаат пониски резултати на когнитивните тестови. Домени кои обично се засегнати ги вклучуваат општата когнитивна способност, коефициентот на интелигенција и способноста за обработка на информации. Осамените поединци имаат тенденција да бидат значително побавни кога размислуваат и одговараат на задачите. Освен тоа, научниците велат дека постојат доволно докази за потенцијалната улога на социјалната изолација во деменцијата.

Расте нивото на допамин

Допаминот игра важна улога во системот за надградување на мозокот. Тој ни обезбедува чувство на задоволство кога правиме нешто што нѐ мотивира. Нашиот мозок ослободува допамин кога ја јадеме нашата омилена храна, кога ги слушаме песните во кои уживаме и кога се занимаваме со хоби и активности што ги сакаме.

Според истражувањето, наместо да предизвикаат опаѓање на нивото на допамин, чувствата на осаменост всушност предизвикуваат пораст на допаминот во мозокот. Некои истражувачи веруваат дека овој природен одговор на преживување создава чувство на итност за нас да ги задоволиме нашите основни потреби за поврзување и припадност. Тоа нè тера да посакуваме и активно да ги следиме социјалните интеракции и односите со другите.

Се чувствуваме помалку мотивирани за дружење

Истражувањата покажуваат дека чувствата на осаменост ги мотивираат луѓето да бараат повеќе социјални контакти. Но, во некои случаи, спротивното може да биде точно. Парадоксално, осамените луѓе имаат поголема веројатност да ги прескокнуваат социјалните активности и да се изолираат во споредба со другите.

Друго објаснување може да биде дека хроничната осаменост ги тера луѓето да се чувствуваат недостојни за врски, предизвикувајќи ги да ги избегнуваат другите и да развијат помалку просоцијални однесувања.

Компромитиран е имунолошкиот систем

Луѓето што се осамени имаат повисоки нивоа на кортизол во нивниот систем - и зголемените нивоа на кортизол имаат огромно влијание врз многу системи на телото, вклучително и имунолошката функција. Ова може да влијае врз целокупното здравје на една личност и на крајот да доведе до сериозни состојби, како хроничен замор, дијабетес и имунолошки нарушувања.

Се зголемува ризикот од смрт


Осаменоста не влијае само врз менталната благосостојба - таа може да ги направи луѓето поранливи на бактерии, микроорганизми и вируси. Се покажа дека состојбата на хронична осаменост има прилично катастрофално влијание врз имунолошкото здравје. Со хормоните на стрес кои се излачуваат од мозокот, вашето тело постојано се буди и не може да забави и вистински да се опушти.

Извор: Healthdigest.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот