X
 12.06.2025 Живот

Тајната на успехот на Ворен Бафет и Бил Гејтс во само еден збор

Кога Ворен Бафет и Бил Гејтс биле прашани да го сумираат својот огромен успех во само еден збор, двајцата дале ист одговор: зборот „фокус“. Овој едноставен, но моќен збор открива колкава сила има насоченото внимание кон една цел како клуч за постигнување успех.

Раната страст на Гејтс

Во интервју со Чарли Роуз во 2016 година, Бил Гејтс откри дел од тајната на својот успех: - Она со кое ќе се опседнете меѓу 13 и 18 години, најверојатно во тоа ќе бидете светска класа.

Неговата рана фасцинација со компјутерското програмирање ја трасира патеката до коосновач на „Мајкрософт“, компанија што го револуционизира светот на компјутерите. На 20-годишна возраст веќе беше милионер. Според реалниот индекс на милијардери на „Форбс“, денес неговото богатство се проценува на околу 127 милијарди долари, со што се наоѓа на 7. место меѓу најбогатите луѓе во светот.

Бафет - инвеститор уште од детството


Ворен Бафет уште како дете покажувал исклучителен талент за инвестирање. На само 11 години вложил 114,75 долари во акции на „Ситис сервис“, со што започнала неговата блескава кариера.

Денес, на 94-годишна возраст, тој се повлече од функцијата извршен директор на „Беркшир Хатавеј“, огромна компанија со удели во компании како „Гајко“, „Дурасел“ и „Дери Квин“. Неговото богатство изнесува околу 160 милијарди долари, со што го зазема петтото место на светската листа, според „Форбс“.

Една поучна анегдота

Бафет раскажал интересна приказна: на еден собир што го организирал таткото на Гејтс, присутните моќни луѓе биле замолени на парче хартија да напишат еден збор што го симболизира нивниот успех. Без да се договорат, и Бафет и Гејтс напишале: „фокус“.

- Тој се фокусира на софтвер, јас на инвестиции. Кога започнуваш рано, тоа е голема предност - објаснува Бафет.

Доколку не си ја открил својата страст во тинејџерските години, не очајувај. Применувајќи ги стратегиите на Гејтс и Бафет, можеш да го промениш и личниот и професионалниот правец.

Извор: Elcabildo.org
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот