Парче вселенска карпа, кое паднало врз куќа во Атланта, Џорџија, кружело низ вселената подолго отколку што постои самата Земја, покажува неодамнешна анализа. Метеоритот Макдона, кој пробил кров на семејна куќа, содржи фрагменти постари од нашата планета.
За споредба, се смета дека Земјата е стара околу 4,5 милијарди години што значи дека малите фрагменти карпа што го преживеале ударот се постари најмалку неколку стотици милиони години од Земјата.
- За целосно да го разбереме метеоритот мораме да испитаме од што е составен и да утврдиме на која група астероиди припаѓа - објаснува Скот Харис, планетарен геолог од Универзитетот во Џорџија.
Карпата го завршила своето вселенско патување удирајќи во Земјината атмосфера, при што се загреала и експлодирала во спектакуларна огнена топка. Дел од метеоритот потоа пробил кров на куќа во југоисточниот дел на Атланта, оставајќи вдлабнатина на подот каде што се распаднал при ударот.
Резултатите од анализата на метеоритот покажуваат дека станува збор за обичен хондрит од Л-тип - карпесто небесно тело кое првично се формирало пред милијарди години, а потоа претрпело катастрофален настан поради кој неговата патека се вкрстила со орбитата на Земјата.
- Мететоритот припаѓа на група астероиди во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер, за која сега сметаме дека е поврзана со распаѓање на многу поголем астероид пред околу 470 милиони години. Но, при такво распаѓање, некои парчиња завршуваат во орбити што се вкрстуваат со Земјината и ако помине доволно време, нивната орбита околу Сонцето и орбитата на Земјата може да се совпаднат во ист момент - вели Харис.
Фрагментот ќе остане во складиштето на Универзитетот во Џорџија за понатамошни анализи, кои би можеле да откријат повеќе за условите во раниот Сончев Систем, пред формирањето на планетите.
Извор:
Rts.rs
Фото:
Twitter