X
 16.05.2024 Наука

Мачките повеќе ги сакаат луѓето што не се љубители на мачки, покажа науката

Сакате мачки, ги имате цел живот, но кога ќе посетите пријател кој има мачка, таа не ви приоѓа. Во меѓувреме некој што не сака мачки е како магнет за нив. Во моментот кога ќе влезат во собата и ќе седнат, мачката станува нивниот нов најдобар пријател.

Не само што не е фер, туку и постои вистински доказ дека мачките ги претпочитаат луѓето што не ги сакаат.

Истражување за интеракцијата мачка-човек


Истражување од 2022 година објавено во списанието „Нејчр“ разгледувало како мачките реагираат на различни луѓе. Во истражувањето учествувале 100 посвоени, стерилизирани мачки и 119 луѓе на возраст помеѓу 18 и 75 години.

Истражувањето функционирало така што секоја мачка поминувала време во една од неколкуте соби во засолниште каде што имала сè за да ѝ биде удобно, вклучително и место за криење доколку сака. Столот за лицето бил поставен во близина на вратата. Собата била опремена со две камери за набљудување. Лицето добило упатство да седне на столот и да остане таму. Покрај тоа, лицето можело да комуницира со мачките на кој било начин освен да ги крева.

Повеќето мачки имале три петминутни сесии со различни луѓе. Истражувачите измериле колку луѓето ѝ го привлекуваат вниманието на мачката, каде ја допирале или галеле мачката и колку долго. Тие потоа ги собрале резултатите и ги поделиле по различни демографски податоци, вклучително и искуство со мачки, колку мачки имале и знаење за мачките.

Што откриле?


Резултатите биле изненадувачки. Луѓето што тврделе дека имаат најголемо искуство со мачките имале поголема веројатност да се натпреваруваат за вниманието на мачките и да ги допираат во области кои се сметаат за „црвени“ зони, како што се основата на опашката и стомакот. Некои од постарите учесници биле особено виновни за кршење на правилото да не се крева мачката. Така, се разбира, мачките биле помалку склони да се спријателат со нив.

Во меѓувреме, луѓето со најмало искуство со мачки имале најсреќни интеракции со нив. Тие ѝ дозволиле на мачката да им пријде по волја, обично само допирајќи ја или галејќи ја по образите, основата на ушите и под брадата. Мачките природно гравитирале кон нив.

Луѓето што се околу мачки цел живот често забораваат дека кај мачките довербата се заработува. Луѓето кои не се многу во друштво на мачки имаат тенденција да се воздржуваат и да не им приоѓаат веднаш. Ова на мачката ѝ дава време да ја оцени личноста.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука