X
 12.08.2026 Живот

Знаци на нетрпеливост што ги имаат многу интелигентните луѓе

Луѓето што се истакнуваат по начинот на размислување често ги обвинуваат дека не се добри во чекањето. Тоа обично прво го забележуваат нивните партнери. Често укажуваат на навиката да ја променат темата на разговорот пред претходната да биде завршена или на тоа дека одлуката за која било потребно една недела се носи за два дена.

И колегите го забележуваат тоа. Тоа е личност која веќе преминала на спроведување на идејата во дело додека остатокот од тимот сè уште расправа за самиот концепт. Или онаа што поставува прашање со кое прескокнува неколку чекори однапред и накратко го нарушува текот на состанокот. Во некој момент речиси секој што се издвојува по интелигенцијата го слушнал советот да забави. Да биде потрпелив, да дозволи работите да созреат или да им даде време на другите да го стигнат.

Она што речиси никој не им го кажува, бидејќи не се вклопува во вообичаената приказна за личниот развој, е дека нивната нетрпеливост можеби воопшто не е мана. Психолозите што ги проучуваат когнитивните способности и стиловите на размислување утврдиле дека одредени форми на ментален немир не се случајна особина на остроумните луѓе. Напротив, тие можат да бидатнејзин израз.

Посебно се издвојуваат две навики:

Не можат да поднесат прашање без одговор

Интелигентните луѓе се познати по тоа што тешко поднесуваат нерешени прашања. Кога ќе се појави некоја недоумица – во текот на разговорот, во некоја книга или во проект што останал недовршен – чувствуваат силна потреба да дојдат до одговорот. На другите тоа може да им изгледа како опсесивност или прекинување на соговорникот.

Среде разговор застануваат за да проверат нешто. Поради проблем кој објективно би можел да почека до утрото го губат сонот. Животот со таква личност понекогаш може да биде напорен. Лесно е тоа да се помеша со обичен немир. Меѓутоа, психолозите ја опишуваат оваа особина со поимот потреба за спознание.

Луѓето кај кои оваа особина е изразена не само што го поднесуваат интензивното размислување, туку и активно го бараат. За нив нерешеното прашање повеќе личи на чешање што мора да се смири отколку на ситница што ќе ја остават за подоцна.

Брзо се откажуваат од нешто што не функционира

Интелигентните луѓе брзо препознаваат кога нешто веќе нема смисла. Без многу двоумење се откажуваат од книга по педесетина прочитани страници. Ментално се исклучуваат од состанок што го сметаат за бескорисен. Или многу брзо заклучуваат дека одреден план треба да се промени. На другите тоа може да им изгледа како надменост, потценување на соговорникот или дури и недостиг на концентрација. Меѓутоа, најчесто не станува збор за ништо од тоа.

Во заднина веројатно се наоѓа она што психолозите го нарекуваат размислување на ниво на апстрактни претстави. Тоа е способност човекот да се оддалечи од конкретната ситуација и да ја процени преку поширока, поапстрактна слика.

Луѓето на кои таквото размислување природно им оди, полесно и побрзо проценуваат дали одреден пристап води кон целта, дали стратегијата функционира или дали нешто едноставно не е вредно за да се троши време. Тоа не е здодевност во вообичената смисла на зборот. Тие едноставно многу брзо ги обработиле информациите што ги имаат пред себе и донеле јасен заклучок.

За интелигентната личност, поминувањето време во нешто што очигледно не носи корист може да изгледа како расфрлање со драгоцен ресурс.

Секако, оваа навика понекогаш може да доведе и до прерано затворање на можностите – отфрлање на идеите пред да добијат шанса да се развијат или создавање впечаток дека ги проценуваат и ги отфрлаат другите луѓе.

Но, она од што всушност бегаат не е разговорот или соработката, туку трошењето на ресурсот што посебно внимателно го чуваат – своето внимание.

Извор: forbes
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот