X
 12.09.2019 Живот

Што ќе му се случи на вашето тело ако никогаш не станете од кревет?

Сигурно ви се случило и вам. Има денови кога фантазирате да останете в кревет... засекогаш!

Но, дали сте се запрашале што ќе се случи ако навистина ви се оствари желбата и останете в кревет засекогаш, а притоа при рака би ги имале сите работи што би можеле да ви затребаат во животот, од храна и пијалак до мобилен, компјутер и далечински управувач? Како по една година би изгледало вашето тело и како би реагирал вашиот мозок?

На почеток сигурно би уживале, но доколку продолжите да лежите 24 часа, првите промени би ги почувствувале на белите дробови. Гравитацијата повеќе не ги повлекува во нивната нормална положба, па прво ќе почне да слабее долниот дел на градите. На почеток не би се чувствувале поинаку, но ќе се насобира слуз што може да предизвика воспаление на белите дробови. Затоа на болните лица им се препорачува да седат на креветот, да се потпираат на грбот со повеќе перници, а добро би било одвреме-навреме и намерно да се закашлаат.

Во период од една недела проблемите ќе станат полоши. Мускулите и коските ја одржуваат тежината на телото, но во лежечка позиција тие нема што да работат. Со секоја помината недела лежејќи в кревет, коските губат еден отсто од својата густина и со текот на времето стануваат покревки и посклони на кршење. Затоа астронаутите, кои често со месеци живеат во услови без гравитација, вежбаат најмалку два часа дневно и земаат голема количина калциум.

Истовремено, за еден отсто ќе се намали и мускулната маса, особено на бедрата, задникот и рамената бидејќи нема да ги користите. Мускулите земаат шеќер од вашето тело како енергија, но по 10 дена лежење овој процес ќе се забави. Резултатот? Целиот неискористен шеќер може да се наталожи во крвотокот и може да го доведе организмот во опасност од појава на дијабетес тип 2.

Во текот на втората недела ќе ви се појават првите знаци на декубитус. Станува збор за рани од лежење што вклучуваат повреда на коскените делови од вашето тело, како колковите, опашката и глуждовите бидејќи се притискаат на истото место премногу долго. Постојаниот притисок го блокира протокот на крв убивајќи ги клетките на кожата. Ако не сте доволно внимателни, тие може да продрат сè до коските и мускулите, што и не звучи баш како релаксација.

Во меѓувреме, мускулите се трошат побрзо од кога било. По две недели ќе изгубите 10 отсто од вашата мускулна маса. А тоа предизвикува нов проблем бидејќи колку помалку мускули имате, толку помалку кислород и крвоток ви се потребни. По еден месец поминат в кревет срцето ќе пумпа 30 отсто помалку крв при едно отчукување. А со помалку кислород што циркулира низ вашето тело ќе се чувствувате поуморно иако лежите еден месец.

А ако не станете набрзо, тешко дека некогаш ќе станете. По шест месеци лежење, најдоцна една година, ќе исчезнат повеќето од вашите мускули. Вашите коски ќе бидат премногу кревки за да ја поднесат вашата тежина, а вашето срце ќе биде преслабо за нормално да работи.

По месеци гледање во истите ѕидови, истата точка на таванот, седење во истото место, доживувањето на истите искуства секој ден, вашето ментално здравје ќе биде многу лошо. Истражување спроведено на бремени жени открило дека оние што мирувале в кревет во текот на бременоста имале поголем ризик од анксиозност и депресија, а некои жени рекле дека се чувствуваат изолирано и затворено и дека губат контрола.

Така што, една година непрекинат одмор во кревет воопшто не звучи како привлечна идеја. И токму затоа докторите се обидуваат да ги натераат пациентите да станат и да одат колку што можат побрзо. Затоа, да заклучиме: нема ништо лошо во мрзливото излежување во недела наутро сè додека во понеделник повторно сте на нога и се движите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот