X
 12.11.2025 Живот

Можеби сте психопат, а не знаете: психолозите ги откриваат знаците

Постои голема веројатност дека денес сте сретнале психопат. Можеби тоа бил колега, сосед, случаен минувач, па дури и некој многу близок. Статистиката покажува дека една од сто личности има психопатски особини, но повеќето никогаш не дознаваат за тоа. Психопатите најчесто не изгледаат опасно. Често се шармантни, духовити и успешни, луѓе кои се совршено вклопени во општеството.

Како да препознаете дали сте психопат?

Според психолозите, најинтересно е што вистинските психопати ретко се грижат за тоа дали имаат проблем. Ако некого го вознемирува самата помисла дека би можел да биде психопат, тоа речиси сигурно значи дека не е. Луѓето со психопатски особини не чувствуваат вина, не се преиспитуваат и не веруваат дека нивното однесување е проблематично.

Психопатијата не се дели на „нормални“ и „опасни“ луѓе, таа постои во спектар. Некој може да биде ладнокрвен, амбициозен и без многу емпатија, но тоа не мора да значи дека има нарушување. Според некои психијатри, дури 15 отсто од луѓето имаат делумни психопатски црти доволно за да влијаат врз нивното однесување, но не и за да бидат болни.

Тест за психопатија: колку ладнокрвно размислувате?

Психолозите од неколку британски универзитети во 2022 година развиле посебен инструмент наречен Скала на успешна психопатија. За разлика од класичните клинички тестови, овој прашалник не се користи за дијагностицирање, туку за откривање карактерни тенденции што можат да се појават и кај сосема функционални луѓе.

Идејата е да се испитаат особини како ладнокрвност, самоувереност, манипулативност и недостиг на емпатија, но и нивната позитивна страна, способноста да се остане смирен под притисок, да се презема ризик и да се одржува контрола во тешки ситуации.

Тестот се состои од 54 прашања, а испитаникот треба да оцени колку се согласува со секоја изјава, најчесто на скала од 1 до 5, од „воопшто не се согласувам“ до „целосно се согласувам“. Ако се согласувате со голем дел од овие изјави, тоа може да е причина да разговарате со експерт. Но, имајте на ум дека ова не се дијагностички критериуми, туку показател на карактеристики што можат да се јават и кај здрави луѓе.

„Прилично сум ладнокрвен“.
„Не чувствувам грижа на совест ако некому му ги повредам чувствата“.
„Склон сум кон егоцентричност“.
„Победата ми е поважна од чесната игра“.
„Кога работите се одвиваат по мојот план, задоволен сум од себеси“.
„Добро комуницирам со луѓето“.
„Знам како да ги наведам другите да го направат она што го сакам“.
„Знам како да влијаам врз туѓите чувства“.
„Во групи обично сум лидер“.
„Добро поднесувам стрес и притисок“.
„Се гордеам на способноста брзо да донесувам одлуки“.
„Ќе направам речиси сè за да го постигнам тоа што го сакам“.

Колку повеќе се согласувате со овие изјави, толку е поголема веројатноста дека кај вас постојат одредени психопатски карактерни црти.

Сепак, експертите нагласуваат дека висок резултат не значи дека некој е психопат, туку дека можеби поседува карактеристики кои можат да бидат и предност и ризик, во зависност од тоа како се насочени.

Во суштина, овој тест не ви става етикета, туку ви помага да го разберете својот емоционален и морален профил и тоа колку сте емпатични, амбициозни или рационални, и каде се границите меѓу храброста и бездушноста.

Психопатите често имаат плитки емоции, не чувствуваат страв или грижа како повеќето луѓе и ретко се поврзуваат емотивно. Можат да ги разберат туѓите чувства, но не ги доживуваат. Затоа често се ладни, дури и кога ситуацијата е тешка. Од друга страна, нивниот шарм и самодоверба им помагаат да манипулираат со другите, па често изгледаат привлечни и убедливи.

И покрај тоа, психопатијата не значи нужно зло. Повеќето психопати не се насилници, ниту криминалци. Многумина живеат нормално, работат, имаат семејства и кариера. Дури и некои успешни лидери поседуваат психопатски особини како ладнокрвност, храброст и подготвеност да преземат ризик. Токму овие црти често им овозможуваат да функционираат подобро во стресни ситуации.

Сепак, лекувањето е сложено. Тешко е да научите некого да чувствува вина или емпатија ако тоа природно му недостига. Некои експерти веруваат дека психопатите не можат да се променат, но други истакнуваат дека со возраста некои луѓе успеваат да го ублажат своето однесување.

Ако кај себе или кај некој близок препознавате ладнокрвност, себичност или недостиг на емпатија, разговор со стручно лице може да помогне да се разбере потеклото на таквото однесување. Понекогаш токму свесноста е првиот чекор кон промена.

Извор: Nova.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот