Британски државјанин е единствениот патник што ја преживеа страшната авионска несреќа на летот на „Ејр Индија“, во која загинаа 241 лице.
Вишвашкумар Рамеш се наоѓал на седиштето 11А во авионот „боинг 787“, кој летал кон Лондон, кога се урнал по само неколку моменти од полетувањето од Ахмедабад, Западна Индија.
Неговиот брат Најан Кумар Рамеш изјави дека Вишвашкумар не знае како преживеал.
„Ејр Индија“ потврди дека сите други патници и членови на екипажот загинале, а меѓу нив 169 индиски државјани и 52 Британци.
- Прекрасно е да се види дека е добро, но сè уште сум загрижен за мојот друг брат Аџај, кој исто така беше во авионот. Бевме во шок кога ја слушнавме веста. И самиот Вишвашкумар не знае како преживеал и како излегол од авионот - изјави Најан.
Видео објавено на социјалните мрежи го прикажува Рамеш како оди кон амбулантното возило, додека зад него се издигнува чад.
Подоцна беше снимен во болнички кревет каде што се сретна со индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах.
- Беше дезориентиран, со повеќекратни повреди на телото. Но, изгледа дека е надвор од животна опасност - изјави д-р Дхавал Гамети, чиј пациент е Вишвашкумар.
Индиските медиуми јавуваат дека тој ја покажал авионската карта на која стојат неговото име и бројот на седиштето.
Бизнисменот, кој е роден во Индија и живее во Обединетото Кралство од 2003 година, има сопруга и четиригодишен син.
Извор:
ВВС
Фото:
Instagram