Краткиот престој во природа, особено во шума, има докажано позитивно влијание врз менталното здравје и нивото на стрес. Ново истражување спроведено во Австрија покажало дека само 20 минути поминати во шумска средина значително го намалуваат нивото на стрес и го подобруваат расположението.
Во истражувањето учествувале 66 здрави возрасни лица, поделени во две групи по случаен избор. Едната група поминала 20 минути во шума, а другата во дел од градот без зеленило.
Пред и по престојот на локациите, учесниците дале примероци од плунка за мерење на хормонот на стрес – кортизол. Освен тоа, пополниле и психолошки прашалници за да се процени нивното расположение и емоционална состојба.
Групата што била во шумата имала значително намалено ниво на кортизол, одржала стабилно расположение, а негативните емоции се намалиле за 12 отсто. Од друга страна, кај градската група не било забележано никакво намалување на нивото на стрес, а позитивното расположение се намалило за дури 25 отсто.
- Нашето истражување покажува дека и краткиот престој во шума може да го подобри психичкото здравје и да го намали стресот - вели д-р Даниела Халуза од Медицинскиот универзитет во Виена.
Овие сознанија доаѓаат во многу важно време, кога сè повеќе луѓе, особено во урбаните средини, се соочуваат со последици од хроничен стрес. Експертите предлагаат природата да биде повеќе вклучена во планирањето на урбаните простори преку паркови, зелени површини и јавни шумски зони.
Покрај тоа, истражувачите ја нагласуваат важноста на достапноста на зелените површини за сите граѓани бидејќи не секој има можност често да патува или да оди на излет. Кратка прошетка низ шума или блискиот парк може да биде едноставна, но корисна мерка за менталното здравје.
Научниците планираат и нови истражувања за да го испитаат влијанието од подолгиот престој во природа, разликите меѓу различни типови шуми, како и улогата на природните звуци и мириси во процесот на опуштање.
Истражувањето е спроведено во Винервалд, шумско подрачје во близина на Виена, од страна на Медицинскиот универзитет во Виена во соработка со партнери. Резултатите се објавени во научното списание „Форестс“.
Фото: Freepik