X
 13.07.2025 Живот

Во Дубаи се отвора првиот ресторан под водство на вештачка интелигенција

Во Дубаи вашата вечера наскоро би можела да пристигне заедно со изворен код. Во септември, во срцето на градот, во близина на Бурџ Халифа, највисоката зграда во светот, треба да се отвори ресторанот „Вуху“. 

Засега храната во „Вуху“ ќе ја приготвуваат луѓе, но сè друго, како менито, амбиентот и услугата, ќе биде дизајнирано од кулинарски модел создаден од вештачка интелигенција наречен „Шеф Ајман“.

Името Ајман претставува спој од „AI“ (вештачка интелигенција) и „man“ (човек). Моделот е обучен врз основа на децении истражувања во науката за храна, податоци за молекуларниот состав и повеќе од илјада рецепти од кулинарските традиции низ светот, објаснува Ахмет Ојтун Чакир, еден од основачите на ресторанот.

Иако Ајман не може да проба, мириса или да комуницира со своите јадења на начинот на кој тоа го прави човекот, тој функционира така што ги анализира оброците на составни елементи, како текстура, киселост и слично, а потоа ги спојува во необични комбинации на вкусови и состојки, според неговите креатори.

Овие прототипи потоа ги доработуваат човечки готвачи кои ги пробуваат комбинациите и даваат насоки, во процес што го води познатиот шеф од Дубаи, Рајф Отман.

 
- Нивните реакции на моите предлози ми помагаат подобро да го разберам она што функционира во практика, надвор од самите податоци - вели шеф Ајман во интервју направено преку интерактивен модел на вештачка интелигенција.

Целта, според неговите креатори, не е да се замени човечкиот елемент во готвењето, туку да се надополни.

- Човечкото готвење нема да биде заменето, но веруваме дека Ајман ќе ја подигне креативноста и ќе донесе нови идеи - вели Ојтун Чакир, кој е и извршен директор на гастрономската компанија „Гастронаут“.

Шеф Ајман е дизајниран за развој на рецепти што повторно ги користат состојките кои рестораните обично ги фрлаат, како остатоци од месо или маснотии.

На долг рок, основачите на „Вуху“ веруваат дека Ајман би можел да добие лиценци за ресторани низ целиот свет, со што би се намалил кујнскиот отпад и би се придонело за подобра одржливост.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот