X
 13.09.2021 Живот

Протести против сѐ построгите антиковид-мерки ја кренаа Европа на нозе

Десетици илјади демонстранти викендов излегоа на улиците на Виена, Истанбул, Солун, како и во повеќе градови во Франција и Холандија демонстрирајќи против епидемиолошките мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот.

Во Виена протестираа околу 2.000 лица

Околу две илјади демонстранти во саботата излегоа на улиците на Виена барајќи слобода и критикувајќи ги епидемиолошките мерки кои ги воведе австриската влада со цел борба против коронавирусот и барајќи оставка од премиерот Себастијан Курц.

Австрија беше меѓу првите европски земји што воведоа здравствени пропусници. Моментално е потребно во хотелите, рестораните, спортските сали, музеите, кај фризерите или на влез на културни или спортски настани да се прикаже негативен тест, потврда за антитела или доказ за вакцинација.

Од почетокот на пандемијата минатата година, Австрија, која има 8,9 милиони жители, имаше околу 11.000 смртни случаи предизвикани од вирусот. Досега околу 60 отсто од населението се целосно вакцинирани.

Протестираа и Французите

И на улиците на француските градови во саботата излегоа демонстранти, а ова им беше деветта недела по ред во која протестираат. Тие ги осудуваат здравствените пропусници спроти стапувањето во сила на обврската за вакцинирање на здравствените работници.

На поворките во Лил, Клермон-Феран и во Париз се придружија и негуватели, медицински сестри и физиотерапевти, осудувајќи ја таа мерка, која стапува во сила следната среда.

Флоријан Филипо, поранешен втор човек на партијата на Марин Лепен, во Париз собра неколку илјади лица.

За здравствената пропусница демонстрантите велат дека е „варварство“, фактор за „сегрегација“ или „апартхејд“.

Здравствената пропусница во Франција од 21 јули е задолжителна на места каде што се собираат повеќе од 50 лица, а сега е неопходна и за влез во болница (освен на одделенијата за итна помош), во баровите (и тоа и внатре и на терасите), големите трговски центри итн.

Холанѓаните сакаат ноќен живот

Во Холандија демонстрантите во саботата протестираа против ограничувањето на ноќниот живот. На собирот под слоганот „Unmute Us“ многумина, меѓу кои и голем број диџеи и уметници, повикаа на укинување на ограничувањата на настаните.

Организаторите повикаа на протести во 10 града, меѓу кои и Амстердам, Гронинген и Мастрихт.

Кон крајот на јуни во Холандија беа отворени ноќните клубови и дискотеките, беа дозволени фестивали и студентски забави. Но, кога бројот на заразени се зголеми, повторно беа воведени ограничувањата.

Владата сега ги повика експертите да го разгледаат повторното отворање на ноќниот живот кон крајот на септември.

Организаторите на протестите во Холандија нагласуваат дека на младите им недостигаат фестивалите, забавите и дека постојаните рестрикции предизвикуваат проблеми со менталното здравје.

Турците викаа: Ќе се спротивставиме на вакцинацијата

И во Истанбул се собраа стотици луѓе за да протестираат против мерките за вакцинирање, иако бројот на заразени во земјата се зголемува. На снимките на социјалните мрежи може да се видат демонстранти на плоштадот „Малтепе“, повеќето без маски, кои извикуваат: „Ќе се спротивставиме на вакцинацијата.“

Дневниот број на заразени во Турција во саботата се зголеми на повеќе од 23.000, што е најголем број од 6 мај, покажуваат податоците на тамошните власти. Во саботата таму имаше 217 смртни случаи како последица на заразување со вирусот.

Турција на почетокот на летото ги ублажи мерките. Во оваа земја, која има 83 милиони жители, вакцинацијата не е задолжителна.

Солзавец и водни топови во Грција

Грчката полиција во саботата мораше да употреби солзавец и водни топови за да ги растера илјадниците демонстранти кои протестираа против задолжителната вакцинација.

Властите истакнаа дека демонстрантите се судриле со полицијата во Солун, која ги блокирала да не стигнат до местото каде што премиерот Кирјакос Мицотакис требаше да го одржи годишното обраќање за економијата. Овој говор обично предизвикува демонстрации и полицијата процени дека повеќе од 15.000 луѓе, меѓу кои и синдикалци, учествувале во протестите за прашања кои варирале од економска политика до вакцини против ковид-19.

Протестите против вакцинацијата во Грција започнаа во јули откако владата најави задолжителна имунизација на здравствените работници и вработените во старските домови. Властите сугерираа и дека вакцините може да станат задолжителни и за други групи, како наставници.

Во Грција се суспендирани речиси 6.000 здравствени работници кои не го испочитувале рокот да примаат барем една доза од вакцина до 1 септември.

Речиси 5,7 милиони Грци, односно 55% од целото население, се целосно вакцинирани, а 59 отсто примиле една доза.

Голем концерт во Копенхаген

Од друга страна, во Копенхаген се укинати речиси сите мерки и се одржа концерт пред 50.000 гости на стадион во близина на кој беше поставен штанд за вакцинирање. Тоа беше првиот стадион во Европа кој прими посетители во полн капацитет од прогласувањето на пандемијата, истакнаа организаторите.

Настанот се одржа веднаш откако во петокот во Данска беа укинати последните рестрикции воведени поради коронавирусот.

Пред концертот сите невакцинирани имаа шанса да го направат тоа, што е еден од начините на данските власти да се обидат да ги привлечат младите да се вакцинираат.

Извори: Reuters | Buka
Насловна фотографија:
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот