X
 13.09.2026 Живот

Град во кој живее само една личност и секоја година се избира себеси за градоначалник - ги води општината, библиотеката и единствената кафеана

На мапата на американската сојузна држава Небраска постои местото Монови, кое има своја територија, локална управа и градоначалничка, но речиси сиот друг живот одамна е исчезнат.

Во Монови живее само една личност - 92-годишната Елси Ајлер. Таа веќе две децении сама го одржува во живот местото каде што некогаш имало училиште, продавници, пошта, црква и железничка станица. Гинисовата книга на рекорди го води Монови како најмало населено место во светот, што го потврди и во 2025 година.

Бидејќи Монови сè уште е официјално регистрирано место, Ајлер мора да ги извршува административните обврски. Кога ѝ е потребна дозвола за продажба на алкохол за нејзината кафеана, таа како службеник си го одобрува барањето што сама си го поднесува како сопственик. Исто така, таа поднесува и годишни планови за финансирање на патиштата за да добие државни средства.

Интернет-приказната дека Елси секоја година организира гласање на кое победува со 100 отсто од гласовите е неточна. Самата Ајлер ги демантираше овие наводи, нарекувајќи ги глупост и додавајќи дека веднаш би му ја препуштила функцијата на друг кандидат доколку постои. Сепак, факт е дека таа е единствената личност што ги врши сите локални функции.

 

Исто така, неточно е и тврдењето дека сама себе си наплаќа данок. Таа објаснува дека данокот ѝ го плаќа на државата како и сите други граѓани. Поради грешка во методологијата за заштита на приватноста при американскиот попис во 2020 година, официјално беа запишани двајца жители, но тоа беше само статистичка корекција.

Монови настанал во раниот 20 век, а на пописот во 1930 година имало 123 жители. По Втората светска војна, поради механизацијата во земјоделството и заминувањето на младите, местото почнало да се празни. Училиштето се затворило во 1974 година, а до 1980 година останале само 18 жители.

На пописот во 2000 година беа регистрирани само двајца жители - Елси и нејзиниот сопруг Руди Ајлер, кои ја воделе кафеаната уште од 1971 година. По смртта на Руди во 2004 година, Елси одлучила да остане. Таа ја претворила колекцијата од 5.000 книги на сопругот во библиотека, со што стана и библиотекарка.

Иако живее сама, нејзиниот бар е постојано полн со фармери, туристи и стари пријатели од целиот регион. Според податоците на Гинисовата книга од 2025 година, таа работи по 12 часа дневно, а нејзиниот бар го посетиле луѓе од сите 50 американски држави и над 60 земји.

За себе и за своето место, Елси едноставно вели: - Исто како и Монови, премногу сум жилава за да умрам.

Извор: Nova.rs
Фото: Screenshot/YouTube

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот