X
 13.10.2025 Живот

Мудри цитати од Дајан Китон за уметноста и животот: „Совршенството е смрт на креативноста“

Дајан Китон е американска актерка, режисерка, продуцентка и писателка, родена на 5 јануари 1946 година во Лос Анџелес, Калифорнија. Со нејзината уникатна харизма и препознатлив стил, таа се вбројува меѓу највлијателните жени во историјата на Холивуд.

Китон ја започна својата кариера на Бродвеј, а светска слава стекна со филмот „Кум“ (1972), по што следуваа легендарни улоги во „Ени Хол“, „Менхетен“ и многу други. Добитничка е на многу награди, меѓу кои и „Оскар“ за најдобра женска улога.

Позната е не само по талентот, туку и по интелигенцијата, иронијата и хуморот што ја прават вистинска икона. Во текот на својата долга кариера, Дајан Китон остана верна на себе: искрена, различна и инспиративна. Нејзините мисли и изјави се полни со животна мудрост, самоиронија и нежна човечност.

Китон почина на 11 октомври 2025 година, а остави зад себе богато наследство на културно и уметничко влијание и е инспирација за генерации актери и режисери, промовирајќи автентичност, пријателство и љубов кон животот, како и силен пример за тоа како една жена може да гради кариера и личен живот со достоинство и страст.

- Без голем човек кој ќе напише и режира за мене, сфатив дека сум, во најдобар случај, просечна филмска ѕвезда.

- Реков дека никогаш нема да одам на психијатар, а поминав добар дел од животот во психоанализа.

- Поминав многу време штитејќи се себеси. Сум сретнала многу извонредни луѓе низ годините и жалам што не сум можела повеќе да им се отворам.

- Најдобрите односи се развиваат од пријателства.

- Не мислам дека затоа што не сум мажена, животот ми е помалку вреден. Тој мит за „старата мома“ е глупост.

- Токму во довербата лежи вистинската моќ на љубовта.

- Никогаш не го сфатив размислувањето дека со возраста треба да се „смириш“. Забавувањето и бавноста не е нешто со кое се поврзувам. Целта е да продолжиш, и во добро и во лошо.

- Чувството на слобода е нешто што, за среќа, доаѓа со возраста и животното искуство.

- Голем дел од мојот живот ми помина во чекање да бидам забележана. Се надевав дека ќе бидам видена, избрана. Кога ќе сфатиш дека веќе не те гледаат така, почнуваат да се случуваат други нешта и мораш да се потпреш на нешто друго за да опстанеш.

- Мајчинството целосно ме промени. Те тера да се соочиш со принципите во кои велиш дека веруваш, и ако не можеш да стоиш зад нив додека одгледуваш дете, тогаш ништо од тоа.

- Спомените се само моменти што одбиваат да бидат обични.

- Отсекогаш сум ги сакала независните жени, гласните жени, ексцентричните, духовитите, несовршените. Кога некој ќе рече за некоја жена: „Жалам, тоа е погрешно“, јас помислувам дека таа веројатно прави нешто како што треба.

- Совршенството е смрт на креативноста.

- Важно е патувањето, а не пристигнувањето.

- Хуморот ни помага да го поминеме животот со барем малку достоинство. Тој е еден од ретките начини благо да се справиме со апсурдноста на сè.

- Трајноста постои само во бесмртноста што ја нуди кликот на фотоапаратот. Сакаш или не, животот минува, а фотографијата останува.

- Животот е многу. Премногу и премалку. Полупразен и полуполн.

- Никој не може да предвиди кој ќе ти го допре срцето така што ќе те промени засекогаш.

- Бебињата се смеат 3.000 пати на ден. Возрасните - дваесет, ако имаат среќа.

- Стравот ја парализира душата. Мораш да се бориш со него.

- Можеме да старееме достоинствено или блескаво. Јас ги избирам и двете.

Извор: Quotefancy.com
Фото: Screenshot/YouTUbe
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот