Европската обична смрча (Picea abies) може да собере наночестички од злато од своето опкружување со помош на бактериите што живеат во неа, покажа нова студија.
- Нашите резултати покажуваат дека бактериите и другите микроорганизми што живеат во растенијата можат да влијаат врз насобирањето злато во дрвјата - стои во соопштението на авторката на студијата, екологот Кајса Лехосма од Универзитетот во Оулу, Финска.
Станува збор за микроорганизмот ендофит, кој живее во симбиоза со билките и им помага во создавањето хормони, апсорпција на хранливите материи и други процеси. Кај смрчата тие бактерии издвојуваат растворливи честички злато кои дрвото ги внесува од водата преку коренот. Тој процес претставува облик на биоминерализација, односно природно формирање минерал во жив организам низ разни биохемиски механизми. Во овој случај ендофитите, веројатно со концентрирање на честичките, ја намалуваат нивната токсичност.
Истражувачите ја проучувале смрчата во близина на рудникот Китила на северот од Финска, најголемиот производител на злато во Европа. Анализирале 138 примероци на иглички од 23 смрчи, а во игличките на четири дрвја се откриени златни наночестички.
Наночестичките биле опкружени со биофилм што го создаваат бактериите од родовите P3OB-42, Cutibacterium и Corynebacterium. Тој биофилм се состои од полисахариди и протеини кои бактериите ги лачат за да опстанат во растителните ткива.
Блиската поврзаност меѓу наночестичките и бактерискиот биофилм посочила дека токму бактериите се одговорни за изолирањето на минералот. Во игличките кои содржеле злато забележана е и помала разноликост на бактериските видови.
Иако никој нема да стекне богатство со сечење смрча за да оддели незначајни количини на злато бидејќи тие честички се големи колку милионити дел од милиметар, способноста на дрвјата да го впиваат вредниот метал би можела да послужи како корисен показател за постоењето депозити на злато под површината.
- Со скрининг на вакви бактерии во лисјата би можела да се олесни потрагата по злато - истакнува Лехосма.
Студијата е објавена во
„Инвајроментал мајкробајом“.
Извор:
Euronews
Фото: Freepik