Потпирајќи се на својата кариера како инвеститор во недвижности и хотелиерство, претседателот на САД, според сопствени зборови, додаде малку „Трампови детали“ во декорот на Овалната соба.
Резултатите предизвикаа поделени мислења. Некои го нарекоа обновениот кабинет симбол на „новата златна доба на Америка“, додека други го споредија со соблекувална на професионален борач.
За време на обиколката на Овалниот кабинет, водителката на „Фокс њуз“ го праша Трамп за новите златни детали. Опишувајќи ја просторијата како место кое имало потреба од „малку живот“, тој објасни колку е тешко златната боја да изгледа како вистинско злато.
Ова не го спречило претседателот да продолжи со реновирањето. Во наредните месеци тој го засилил „позлатувањето“ со златни украси на плафонот, рамките на вратите и каминот.
Во текот на неговиот втор мандат бројот на златни трофеи и вазни наредени на каминот се зголемил, а денес постојат и златни подметачи со името на Трамп.
Портпаролот на Белата куќа вели дека златото е од „највисок квалитет“ и дека претседателот лично ги покрил трошоците.
Исто така, Трамп го зголеми бројот на изложени портрети, па денес ѕидовите ги красат речиси 20 слики од поранешни претседатели. Неговиот претходник Џо Бајден имаше само шест, а Барак Обама имаше слики од двајца поранешни лидери.
Кабинетот е надополнет со семејни фотографии на Трамп, копија од Декларацијата за независност и подароци од посетители, а меѓу нив и трофеј од Светското клупско првенство во фудбал, кој бил подарок за Трамп од претседателот на организацијата.
Според Белата куќа, секој додаток бил направен по негова наредба. За да му помогне во задачата, Трамп го повикал својот личен „златен човек“, Џон Икарт, 70-годишен столар од Флорида. Тој во Вашингтон бил донесен со авионот „ејр форс уан“ за да обезбеди украси со кои ја уредувал и вилата на Трамп во Палм Бич. Позлатените резби што Икарт ги додал во кабинетот, портпаролката на Белата куќа Каролина Ливит ги опишува како „златен кабинет за златна доба“.
Критики и споредби
Други, пак, беа покритични. Музичарот Џек Вајт ја спореди просторијата со соблекувална на професионален борач, нарекувајќи ја „вулгарна“ и „кич“.
Репортерот Џон Киган истакна дека декоративните медали на ѕидовите имаат премногу очигледна сличност со „пластични парчиња“ кои може да се најдат на „Али експрес“ за само еден долар.
Историски артефакти
Каминот, пак, е украсен со артефакти од колекцијата на Белата куќа. Тука има француска чинија за овошје од 19 век, позлатени пехари и сребро од времето на администрацијата на Ајзенхауер.
Се смета дека стилот на Трамп бил инспириран од Версајската сала со огледала, а тој во минатото се фалел дека салата за бал во неговиот дом на Флорида е создадена по модел на француската палата.
Сепак, со овие промени Трамп ја продолжи долгата традиција секој жител на Белата куќа да го приспособува декорот по сопствениот вкус, со нов мебел, тапети и теписи. Но можеби ниеден претседател досега не отишол толку далеку во пренесувањето на естетиката од својот дом во Вашингтон.
Обама остана без омилениот тепих
Во последната година од неговото претседателство, на Обама му поставиле прашање за тоа кои уметнички дела или предмети во Овалната соба му се најзначајни. Тој веднаш го посочил тепихот.
Рачно изработен во работилница во Мичиген, широк речиси 10 метри, по работ на тепихот се испишани цитати од американски лидери - меѓу нив Абрахам Линколн, Џон Ф. Кенеди и Теодор Рузвелт.
Неколку месеци подоцна, кога Трамп се вселил во Белата куќа и кога американската историја доби уште еден неочекуван пресврт, ценетиот тепих на Обама бил отстранет и заменет со подна облога во златни нијанси.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/YouTube